петок, февруари 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Дивите депонии, јавната нечистотија во селата, отпадот од пестициди… главни проблеми во...

Дивите депонии, јавната нечистотија во селата, отпадот од пестициди… главни проблеми во регионот

148

Со последните денови од декември, во Преспа се заокружи една година исполнета со разговори, средби и со споделена грижа за животната средина. Последните дискусии организирани во селата Кривини, Јанковец, Болно и Царев Двор, како и во Ресен, ја имаа истата цел: да ги слушнат луѓето и да се побараат решенија.

– Преку отворени и продуктивни разговори, околу 70 жители директно се вклучија со конкретни предлози и идеи за подобрување на животната средина во нивните населени места. По актуелните поплави и штетите што ги оставија зад себе, мештаните најмногу зборуваа за запуштените речни корита, затрупани со градежен и со кабаст отпад и обраснати со непотребна вегетација, кои во критични моменти стануваат сериозна закана. Паралелно, се отвори и прашањето за селектирањето на отпадот и за недостигот од функционални решенија на локално ниво – велат од „Преспа, разбуди се“.

Главни проблеми што ги загрозуваат квалитетот на живот и природата во регионот се: дивите депонии, јавната нечистотија во селата, несоодветното управување со речните корита, отпадот од пестициди и слабата комуникација меѓу заедницата и институциите.

– Жителите испратија и јасна порака дека е потребна поголема едукација, посилно вклучување на заедниците во локалните акции и транспарентно информирање при креирањето на плановите за управување со отпадот. Решенија, велат, се можни, но само ако сите ја споделиме одговорноста – велат од „Преспа, разбуди се“.

Дискусиите се одржуваат во рамките на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС), во соработка со „Екогерила“ – Преспа и Македонското еколошко друштво, со поддршка од Европската Унија, преку програмата „ЕУ за Преспа“.

ИЗДВОЕНИ