Дивиот растителен свет во Преспа е контаминиран со 19 различни пестициди – најмногу во околината на Претор и на Ресен, покажа истражувањето што го спроведе Македонското еколошко друштво (МЕД) во рамките на својата програма за поддршка на младите еколози „Д-р Љупчо Меловски“, заедно со тим истражувачи од Фармацевтскиот факултет во Скопје, предводени од студентката Јована Данова, а под менторство на проф. д-р Крсте Ташев.
Во пролет биле идентификувани 10 пестициди, а во есен 12 пестициди.
– Најмногу пестициди беа пронајдени во примероците од околината на Претор и на Ресен. Кај примероците од Крани беа детектирани пестициди во текот на пролетта, но тие отсуствуваа во есенските анализи, додека обратната ситуација беше детектирана кај примероците од Стење. Меѓутоа, важно е да се забележи дека кај примероците од крајбрежјето во близина на Стење, како и кај оние од островот Голем Град, не беше детектирано присуство на траги од пестициди ниту во пролет ниту во есен – соопштија од МЕД.

Оттаму додаваат дека од сите анализирани пестициди, во најголема концентрација се издвојуваат ацетамипридот, пириметанилот и пираклостробинот, кои се јавуваат во двата периоди од годината.
– Ова истражување ги дава првите резултати на оваа тема и ја потенцира потребата од понатамошни сеопфатни испитувања, со цел да се заштити здравјето на дивите растенија, животните, но и на луѓето – велат од МЕД.
Оттаму нагласуваат дека истражувањето имало цел да се добие одговор на прашањето дали постои секундарна контаминација со пестициди на диворастечката флора во Преспанскиот Регион, вклучувајќи го и островот Голем Град.
– Истражувањето беше спроведено во две временски фази: во пролет и во есен, при што беа собрани примероци од различни локации околу Преспанското Езеро, со различна оддалеченост од земјоделските насади. Анализите покажаа дека во Преспа постои секундарна контаминација со пестициди, а притоа беа идентификувани вкупно 19 различни пестициди во двата периоди од годината – објаснуваат од МЕД.
За сите заинтересирани млади еколози што сакаат да спроведат слични научноистражувачки проекти, новиот конкурс на програмата за поддршка на младите еколози „Д-р Љупчо Меловски“ за мали и за средни грантови е веќе отворен и достапен на следниов линк: https://mes.org.mk/…/povik-za-mali-i-sredni-grantovi…/












