Се излеваат фекалии на улицата, граѓаните повикуваат за расчистување и за кривично гонење на сторителите. Тие посочуваат дека на просторот по Градежниот институт на Македонија, кој влегува во заштитеното зеленило, поради несовесното фрлање секаков шут, вклучително и градежен, секоја година, покрај со отпадот штетен за здравјето, се соочуваат и со пострашна еколошка катастрофа поради затнувањето на одводната канализациска линија, при што доаѓа до излевање на фекалиите и до создавање бара од нив, на дваесетина метри од куќите на самата улица

 

Жителите од улицата „Скупи 20“ во Злокуќани бараат од Инспекторатот на Општина Карпош итно да се расчисти дивата депонија што им ја затнала канализацијата и кривично да се гонат сторителите. Тие посочуваат дека на просторот по Градежниот институт на Македонија, кој влегува во заштитеното зеленило, поради несовесното фрлање секаков шут, вклучително и градежен, секоја година, покрај со отпадот штетен за здравјето, се соочуваат и со пострашна еколошка катастрофа поради затнувањето на одводната канализациска линија, при што доаѓа до излевање на фекалиите и создавање бара од нив, на дваесетина метри од куќите на самата улица.

– Во повеќе наврати досега е краден бетонскиот капак од тамошната шахта, како и од другите долж линијата, со цел вадење на арматурата и препродавање од локалното население. Ние, самите жители, поставивме нови – реагираат жителите.

Тие додаваат дека минатото лето, градежна фирма, расчистувајќи го својот градежен шут со багери, ја нагазила шахтата, при што самиот бетонски капак се скршил, пропаднал и ја затнал канализацијата, што предизвикало излевање на шахтата покрај куќите на самата улица и оформување бара од фекалии на простор од стотина квадратни метри. И по овој проблем, како и за претходните, жителите реагирале приватно, со повикување служба од ЈП „Водовод и канализација“ за отнување на канализацијата.

Жителите наведуваат дела половина година подоцна, повторно се појавил истиот проблем. Не им било доволно фрлањето отпад од своите домови, па несовесните граѓани се погрижиле да го поместат капакот од шахтата за да фрлаат ѓубре и внатре, со што повторно има затнување и излевање од шахтата, формирање нова бара и можност за изливање фекалии во куќите, преку одводот.

Жителите сметаат дека со излегување на терен лесно може да се утврдат барем дел од сторителите.

– Самиот Градежен институт има камери за набљудување, како и фабриката „Бас тути фрути“, кои може да помогнат во пронаоѓањето на сторителите. Покрај тоа, во купиштата ѓубре може да се најдат количества документи од фирми што се ослободувале од својот отпад. Па така може да се најдат документи од фирми како што се: „Моцарт бет“, „Перпетуммобиле“, „Паком“ и сл. – потенцираат жителите.

Исто така, минатата година се случил немил настан во кој биле опожарени куќи на жители од ромското маало и самата Општина Карпош им помогнала финансиски, давајќи им субвенции за реконструкција на изгорените домови. Но, според засегнатите жители, тоа не значи и не им дава право да го фрлаат шутот од изгорените домови, вклучително и гредите од самите опожарени покриви, во заштитениот зелен појас.

Ова обраќање, како што нагласуваат жителите на Злокуќани, е со надеж и цел во најскоро време да бидат преземени мерки во полза на околината и на граѓаните.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ