Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ реагира на зачестените и систематски и сурови случаи на дислоцирање на цели легла и глутница кучиња во Скопје. Велат дека овие животни не им се познати на локалните заедници, а се појавуваат преплашени, дезориентирани и се во очигледен стрес. Укажуваат на тоа дека ова е длабоко сурова форма на насилство, но и многу опасно и по граѓаните и по животните.
– Последниот случај, кај „Аркадија“, е само уште еден доказ за оваа варварска и неказнета практика: осум нови кучиња, оставени на улица, без контрола, без грижа, без шанса – нагласуваат од „Анима мунди“.
Тие додаваат дека ова не се изолирани појави и оти граѓаните секојдневно сведочат за комбиња што пренесуваат кучиња од една во друга општина, истовари на периферии, депонии, па дури и во срцето на градот, како што велат, како да станува збор за отпад, а не за живи суштества.
– Таквата практика не е само нехумана и противзаконска, туку создава директна јавна опасност и за луѓето и за животните – сметаат од здружението за заштита на животните.
Од „Анима мунди“ велат дека бруталноста оди дотаму што не така одамна биле забележани повеќе легла – очигледно ловџиски мешанци – исфрлени во рамките на заштитени подрачја, како резерватот „Јасен“, каде што немаат никаква шанса за преживување.
–Тоа е чин на апсолутно варварство, на негрижа, и на одбивање да се соочи вистината за сопствената одговорност. „Грижо моја, прејди на друг“ – оваа реченица станува симбол за начинот на кој функционира локалната власт. Зошто поминува неказнето, затоа што никој не одговара – констатираат од „Анима мунди“.
Тие бараат итно институционално препознавање и санкционирање на ваквите постапки. Потоа, воспоставување на механизми за следење, превенција, евиденција и санкција на случаи на дислоцирање на кучиња, соработка меѓу општините, институциите на централно ниво и граѓанските организации, како и отворање истраги и ефективни казни за сите сторители на овие дела.
Притоа, наведуваат дека и неодамнешните реакции на ЈП „Лајка“ го потврдуваат истото, односно дека Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња, што не може да биде дело на поединци. Станува збор за организирана и перманентна злоупотреба која мора да се истражи, докаже, казни.
Од „Анима мунди“ ги повикуваат граѓаните – доколку забележат товарење или истовар на кучиња, да го документираат со фотографии или видео и веднаш да пријават до надлежните служби или до здружението за заштита на животните. Укажуваме, ова е длабоко сурова форма на насилство, но и многу опасно и по граѓаните и по животните.
(А. П.)












