Македонската Национална опера и балет, по повод празникот Василица, на 12 и 13 јануари со почеток од 20 часот, ќе го одржи традиционалниот гала-концерт, кој и оваа година ќе ѝ понуди на публиката исклучително сценско и музичко доживување. Со наслов „Дисковечер“, програмата за 2026 година претставува современа интерпретација на безвременската популарна музика од втората половина на 20 век.
Во центарот на концертната вечер се наоѓа репертоарот од најпознатите диско и поп хитови од 70-тите и 80-тите години, период што остави длабока трага во колективната музичка меморија на неколку генерации. Публиката ќе има можност да ги слушне делата на светски признати автори и изведувачи како Глорија Гејнор, Дона Самер, АББА, Би џис, Мајкл Џексон и многу други, но во сосема ново руво: низ симфониски аранжмани што ја прошируваат нивната оригинална форма и ги поставуваат во контекст на современа концертна естетика.
– Овој уметнички пристап не претставува само носталгично враќање кон музиката од минатото, туку и нејзино творечко преосмислување. Со тоа, „Дисковечер“ создава мост меѓу жанровите, генерациите и музичките традиции, поврзувајќи ја популарната култура со институционалната сцена на класичната музика. Таквата синтеза ја нагласува отвореноста на македонската Национална опера и балет кон современите културни текови и нејзината мисија да понуди програми што се истовремено квалитетни, иновативни и достапни за пошироката јавност, велат од Македонската опера и балет.
На сцената ќе настапат домашни и странски популарни пејачи, Оркестарот на македонската Национална опера и балет, како и Националниот џез-оркестар.
Со оваа програма, македонската Национална опера и балет ја продолжува традицијата на празнични концерти по повод Василица, но воедно и ја обновува, внесувајќи нови содржини, современ израз и интердисциплинарен пристап.
„Дисковечер“ не е само концерт туку симболичен чин на културна отвореност и радост, прослава на музиката што ги обединува луѓето, ги надминува времињата и ги поврзува различните музички светови во едно заедничко сценско доживување.












