Почина 7-годишното девојче, од селото Челопек, во болницата во Тетово, откако по два дена лекување, во неделата, ѝ се влошила состојбата. Смртта на детето предизвика реакции на социјалните медиуми, каде што од здравствените власти се бара да го испитаат случајот – дали се работи за евентуална небрежност на лекарите.
– Во овој тежок момент, ги повикуваме надлежните органи, здравствените власти и правосудните органи внимателно и транспарентно да го испитаат секој аспект од овој случај, фокусирајќи се на можноста за небрежност од страна на лекарите. Да се погрижиме сите последици од недостаток на соодветна помош или неуспех во третманот да не останат незабележани и правдата да биде обезбедена“, пишуваат жители на тетовски Челопек.
Порталот на албански јазик „Порталб“ пренесува изјава од директорот на тетовската болница, Ерзан Елези, во која тој тврди дека пациентката претходно примила сомнителна терапија во приватна амбуланта и ги повика надлежните институции да преземат ригорозни мерки против тие лекари. Според директорот, како што пренесува порталот, девојчето било донесено на раце, со болки во мускулите.
„Сите пациенти доаѓаат во Тетовската клиничка болница од приватни амбуланти каде примаат нелегална терапија од матични лекари, апелирам до Инспекторатот за труд, Министерството за здравство и Фондот за здравство, да преземат ригорозни мерки против овие лекари. Да, таа била кај нејзиниот матичен лекар и примила интравенска терапија, што е нелегално“, изјавил Елези за „Порталб“.
Од Клиничката болница во Тетово преку соопштение велат дека биле преземени сите неопходни здравствени интервенции и дека лекарскиот персонал се однесувал крајно професионално веднаш откако детето било примено на одделението. Подготвени се да соработуваат со истражните органи заради расветлување на случајот.
„Пациентката беше примена на Одделението за педијатрија на датум 20.09.2025 во 20:40 часот навечер и веднаш беа преземени сите неопходни мерки согласно со важечките медицински протоколи со цел поставување на точна дијагноза. Од моментот на приемот, беа преземени сите потребни медицински мерки соодветни на нејзината здравствена состојба, вклучително и интензивна рехидратација, согласно со професионалните и клинички насоки. Со цел понатамошен третман, беше побарана помош од Одделението за ОРЛ за дополнителна интервенција, односно аспирација на секрети од усната шуплина. За жал, за време на интервенцијата, пациентката не покажа знаци на реакција, по што беше итно префрлена на Одделението за анестезија, реанимација и интензивна нега, каде што беа преземени сите мерки за реанимација, но и покрај максималните напори на медицинскиот тим, пациентката почина. Со цел целосна транспарентност и расветлување на причините за смртта, болницата побара извршување на судско-медицинска обдукција. Сепак, до овој момент, семејството на пациентката го изрази своето противење за спроведување на обдукцијата“, се вели во соопштението на Клиничка болница Тетово.
Настаните во тетовската болница ги следат и во обвинителство, откако семејството не дозволувало да се направи обдукција на телото со цел да се утврдат причините за смртта на девојчето.
„Јавниот обвинител од ОЈО во Тетово веднаш по настанот беше известен дека се случил инцидент со оштетување на болничкиот имот. По утврдувањето на причината за инцидентот, обвинителот издал усна и писмена наредба за обдукција на телото на починатото девојче“, велат од ОЈО. Од СВР Тетово изјавија дека кај нив нема пристигнато пријава од граѓани и дека единствено од Клиничката болница телефонски ги информирала за случајот. (П. А.)