Директорот и управителот на ЈП „Комунална хигиена“ обвинети за загрозување на животната средина со комунален отпад

423

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица, кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и на природата со отпад од член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Станува збор за вршител на должноста директор и управител за отпад во скопското ЈП „Комунална хигиена“.

Од ОЈО информираа дека истрагата покажала дека во текот на октомври годинава, двајцата обвинети, со пропуштање на вршење надзор над собирањето, со транспортот и со непрописното управување со отпадот, можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или на водата, опасност за животот или за здравјето на луѓето или уништување на растителниот и на животинскиот свет во поголеми размери.

– Вршителот на должноста директор во ЈП „Комунална Хигиена“, постапил спротивно на Статутот на претпријатието, на Законот за комунални дејности и не ги спроведувал одлуките и заклучоците на Управниот одбор, не се грижел за спроведување на деловната политика на претпријатието, не ги извршувал работите од неговиот делокруг на работа, не учествувал во утврдување на критериумите за користење и распоредување и за управување со средствата остварени со работењето на претпријатието, не го следел и не го анализирал извршувањето на плановите и договорните обврски, не преземал мерки за нивно остварување и не обезбедил мерки за заштита на животната средина – објаснуваат од ОЈО.

Оттаму додаваат дека в. д. директорот на јавното претпријатие, кое е давател на комунална услуга, иако бил должен, давањето на комуналните услуги не го вршел постојано и квалитетно и не се грижел да ги одржува објектите, опремата и уредите во функционална и исправна состојба – наведуваат од ОЈО.

Притоа, појаснуваат дека заедно со вториот обвинет, управител за отпад кој имал Уверение за положен стручен испит за управување со отпад од Министерството за животна средина и просторно планирање, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и на Законот за управување со отпад, не презеле мерки и активности за заштита на животната средина и не ги спроведувале плановите и програмата за управување со комуналниот отпад на подрачјето на Градот Скопје.

– Бидејќи не ја извршиле својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање на безопасен отпад, ниту побарале измена на Оперативниот план и на Оперативната програма, обвинетите овозможиле да се создадат депонии на јавни и сообраќајни површини со одлагање на комуналниот отпад во непосредна близина на предвидените садови за собирање – прецизираат од Обвинителството.

Бидејќи прибирањето на доказите било завршено, а обвинетите веќе немале можност да влијаат на постапката, јавниот обвинител предложил мерката притвор да им биде заменета со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат повремено во судот и привремено одземање на патна исправа или друга исправа за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање.

За обвинетиот управител со отпад, кој сè уште е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, Обвинителството предложило и дополнителна мерка – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно привремено отстранување од работното место.

Состојбата со несобирањето на сметот во главниот град кој беше претворен во депонија го вклучи црвениот аларм за да се активираат надлежните институции. На 21 октомври годинава, Владата на седницата донесе одлука со која го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со повеќе инспекциски и здравствени институции, веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, поради сериозните проблеми со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад. Јавен обвинител издаде наредби до МВР и до другите надлежни органи итно да постапат и да извршат проверки за работењето на ЈП „Комунална хигиена“.

Паралелно, МВР беше задолжено – во соработка со градските и со државните инспекции – да ги испита постапките на Град Скопје и на ЈП „Комунална хигиена“, како и улогата на градоначалникот, Данела Арсовска, во ситуацијата со несобирање на отпадот. Основното јавно обвинителство – Скопје веднаш почна да постапува и да презема дејства за обезбедување докази за евентуално кривично дело. Притоа,  јавен обвинител издаде наредби до МВР и до другите надлежни органи итно да постапат и да извршат проверки за работењето на ЈП „Комунална хигиена“. Премиерот Христијан Мицкоски, во една своја изјава, навести дека проблемот со сметот во главниот град ќе има разврска, која, како што рече, ќе биде многу интересна.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ