петок, јануари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Директор фаворизирал лекувања во странство?

Директор фаворизирал лекувања во странство?

Антикорупциска испрати пријава до ФЗО за можни злоупотреби

30

Директор на Секторот за меѓународни договори при Комисијата за лекување во странство бил пријавен во Антикорупциската комисија дека за лична корист фаворизирал предмети, односно пациенти на кои Фондот за здравствено осигурување им покрива лекување во друга земја. Членот на ДКСК, кој ја образложи поднесената претставка, рече дека не биле надлежни за пријавеното, па ги испратиле наводите до ФЗО, со назнака да им биде испратена информација како постапиле.

Ревизорите две години по ред велат дека има слабости и неправилности за лекувањето на македонските граѓани во странство, преку Фондот за здравство.

– Во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица од Македонија, постојат повеќе слабости и неправилности, односно не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство, за што од страна на Фондот по овој основ се исплатени средства од околу 5 милиони евра – стоеше во последниот извештај на ДЗР за работата на ФЗО.

И во претходниот извештај ревизорите утврдија дека побарувањата за дадени аванси за лекување во странство нецелосно се евидентирани и не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници.

Дека има злоупотреби со лекувањата во странство реагираше и ФЗО, поради сè почестата злоупотреба од граѓани што собираат донации за лекување. Неодамна беа откриени барања што кружеа на социјалните мрежи, со молба граѓаните да се солидаризираат и да помогнат со уплата на телефонските броеви за донација или директно на сметка во банка. Од ФЗОМ објаснија дека станува збор за собирање донации за случаи каде што воопшто не било поднесено конзилијарно мислење, односно не било побарано лекување на товар на Фондот.

Првостепената комисија за лекување во странство брои седуммина членови и седуммина нивни заменици, а нејзиниот состав вклучува стручњаци од областите како ортопедија, педијатрија, неврохирургија и други специјалности во кои најчесто се упатуваат пациенти на лекување надвор од земјата. Преку Фондот за здравствено осигурување на Македонија, годишно над 250 осигуреници се лекуваат во странство, за што се издвојуваат повеќе од 5 милиони евра. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ