На Европски универзитет – Скопје, вчера се одржа свечена манифестација на која им беа доделени дипломите на дипломираните и на магистрираните студенти и беше одбележан патрониот празник на универзитетот, Св. Никола. На свеченоста, со едноминутно молчење му беше одадена почит на лидерот во високото образование, основачот, визионерот и основоположникот на Европски универзитет, проф. д-р Бојо Андрески. Неговата храброст и академска мудрост го поставија фундаментот на Европскиот универзитет, креиран како негов визионерски потфат, а сè уште опстојува како наша одговорност, беше нагласено на манифестацијата.

Проректорот за настава на Универзитетот, проф. д-р Елизабета Стамевска, им ги честита дипломите на студентите и им посака успех на личен, професионален и на институционален план.
– Овој свечен ден е повод со длабока почит и пиетет да се потсетиме и да му се заблагодариме на основачот на Европскиот универзитет, проф. д-р Бојо Андрески, кој не создаде само високообразовна институција туку постави и вредносна рамка. Веруваше во универзитет кој ќе биде европски по дух, отворен по мисла и хуман по својата мисија. Веруваше дека високото образование е двигател на општествениот развој и не смее да биде формалност, туку отворена врата кон зрелост, одговорност и слобода на студентите. Тој создаде современа институција која е европски ориентирана и е насочена кон иднината. Неговото дело ќе остане трајно вградено во идентитетот на нашиот Универзитет и ќе продолжи да живее како морална обврска на сите нас, да го продолжиме патот кој го започна со истрајност и одговорност кон сегашните и идните генерации студенти, истакна проф. д-р Стамевска.

Таа упати честитки до дипломираните и магистрираните студенти и им порача да бидат достојни амбасадори во општеството на вредностите кои ги негува Европскиот универзитет.
– Вашите дипломи се признание за вложениот труд, упорноста и посветеноста, но и обврска кон иднината. Вие излегувате од оваа институција како носители на знаење и вредности, и од вас се очекува повеќе од стручност – се очекува етика, критичко размислување, храброст и правичност. Стекнатите дипломи нека не ви бидат само формален документ туку морална обврска да дејствувате одговорно, професионално и чесно. Знаењето што го стекнавте треба да го употребите за вашиот личен напредок, придонес кон општеството, државата и пошироката заедница. Но, никогаш не заборавајте дека знаењето без одговорност е празно, а успехот без човечност е краткотраен. Секогаш имајте на ум дека вистинскиот успех се мери преку вашиот вложен труд. Вашиот професионален пат нека биде воден од интегритет, почит кон другите и свесност дека секоја ваша одлука има општествена тежина, порача проректорката проф. д-р Стамевска.

Во рамките на свечената манифестација, свое излагање имаше и претседателот на Организациониот одбор на 10. Симпозиум со меѓународно учество, акредитиран од Стоматолошката комора на Република Македонија, проф. д-р Ана Белазелковска-Грежловска.
– Симпозиумот беше реализиран на високо научно и професионално ниво. Обедини еминентни предавачи од земјава и од странство и овозможи размена на современи научни и клинички искуства. Симпозиумот беше посетен од повеќе од 300 учесници, што претставува јасна потврда за угледот на нашиот Универзитет. Преку ваквите настани ја унапредуваме меѓународната академска соработка и афирмација на Универзитетот. Покрај ова, посебно значајни беа и резултатите во издавачката дејност. Во текот на годината, беа објавени две книги кои претставуваат вистинска поддршка на наставно-научниот процес – учебникот „Реставративна дентална медицина“, наменет за стручните студии за забни техничари, чиј автор е проф. д-р Маријана Мирческа, како и учебното помагало „Practical in Microbiology and Immunology“ за студиската програма дентална медицина, на англиски јазик, од проф. д-р Снежана Ивиќ-Колевска, истакна проф. д-р Ана Белазелковска-Грежловска.

Проф. м-р Благојче Наумоски, пак, се осврна на 15. Меѓународна научна конференција „Новата дигитална револуција во науката и уметноста“ и 19. Годишна студентска изложба, насловена како „19. приказна на Факултетот за арт и дизајн“.
– Во рамките на конференцијата, беа презентирани бројни научни стручни и уметнички трудови, кои отворија плодни дискусии и овозможија размена на искуства, методологии и на истражувачки пристапи. Во рамките на активностите на ФАД е и 19. Годишна студентска изложба, која се надоврза на долгогодишната традиција која вклучува 18 претходни изложби, еден завршен настан, две јубилејни изложби, 22 студентски модни ревии, како и бројни графички, модни и мултимедијални изложби, истакна проф. м-р Наумоски.

На манифестацијата беа промовирани и 17. и 18. издание на Меѓународното научно списание „ИДЕЈА“ од страна на уредникот, проф. д-р Анита Шешо.
– Меѓународното списание за наука и уметност, „ИДЕЈА“ се издава веќе девет години во континуитет и има меѓународен уредувачки одбор кој го сочинуваат професори и научници од реномирани универзитети од 10 земји, вклучувајќи ги Македонија, Хрватска, Словенија, Србија, БиХ, Бугарија, Турција, Шпанија и Италија. Во списанието се објавуваат оригинални научни трудови, прегледни трудови, стручни трудови, научни белешки и кратки соопштенија, претходни соопштенија и уметнички дела. Списанието претставува платформа за објавување на стручни и научни истражувања на авторите од различни области во науката и уметноста, вклучувајќи економија, право и политика, безбедност, информатика, арт и дизајн и стоматологија, истакна проф. д-р Шешо.
Свое излагање на манифестацијата имаше и Бисерка Реџиќ-Мухиќ, координатор и раководител на канцеларијата за меѓународна соработка Еразмус +.
– Нашиот центар за меѓународна соработка, изминатиот период, реализираше голем број мобилности на студенти кои ги покажаа своето знаење и својата студентска моќ во европските земји. Наставниот кадар, исто така, имаше можност да го прикаже своето знаење на голем број универзитети иницирајќи интелектуална размена на знаење, истакна Реџиќ Мухиќ.
(А. С.)












