– Скоро бев во Македонија, од каде што носам преубави спомени. Тие луѓе се толку многу гостопримливи, вели Дино Мерлин (кој има свое вистинското име Един Дервишхалидовиќ) и е еден од најголемите балкански музички ѕвезди. Тој ги евоцира спомените од неодамнешниот престој во земјава.
Ме угостија во еден огромен претседателски апартман, во кој, искрен да бидам, се изгубив. Јас не го сакам тоа, но ете, моите домаќини беа повеќе од гостопримливи. И сега ми се враќаат сеќавањата. А, уште ме држат и сеќавања од таа далечната 1985 година, кога бев да пеам во Битола. Во тој убав град под Пелистер, мислам дека два дена се возевме. По некои стари патишта, во некое старо комбе, кое вози одвај 60 км на час. Салата во која пеев беше многу ладна сала, немаше многу луѓе. Слабо заработивме, тогаш немавме пари ниту за хотел, па спиев во тоа комбе.
Мене ми се враќаат тие спомени. Таков сум јас, живеам од спомените, имам многу драги спомени. Најтажни ми се оние кои ме врзуваат за драги луѓе кои веќе се заминати на оној свет. Мене тоа ме мачи одвреме-навреме. Со саати размислувам за нив. Очите ќе ми се наполнат со солзи. Како на некој друг да му се случува. Замислете, колку брзо сè поминува, со која брзина се вртиме во вселената околу Сонцето. Неверојатно, како наеднаш старееме, заминуваме. Сега, од оваа временска дистанца, размислувам и за таа ноќ помината во комбе во Битола, како и за оној претседателски апартман. Поминале некои 40 години.
Боже драги, помеѓу таа 1985 и оваа 2025 година. Цел еден живот. А, за некои 30-ина години отсега, се прашувам што ме чека? Некоја болест, старост и неизбежна смрт. Сè има почеток и крај, раскажа Дино Мерлин, со носталгија во гласот.