Македонската кантавторка Дина Јашари, на 20 ноември годинава, ќе ја има својата концертна промоција на нејзиниот последен албум „Растенија без корен“ во „Јавна соба“ во Скопје.

По објавата на албумот кон крајот на мај, албумот предизвика голем интерес помеѓу публиката, но и резултираше со неколку важни настапи веднаш потоа, како што беа отворањето на концертот на легендарната британска група „Масив атак“, на стадионот на АРМ, на 28 јуни годинава, во рамките на фестивалот „Skopje Calling 2025“ и настапот на годинашниот „Д Фестивал“ во Штип.

Покрај овие настапи, Дина и нејзиниот бенд летово имаа настапи и во Љубљана и Шкофја Лока во Словенија и на Пандемониум фестивал во Умаг, Хрватска и на филмскиот фестивал „Нови Вал“ во Будва, Црна Гора.

– Растенија без корен – во живо, искрено и топло, во градот. Кога надвор е ладно и се стемнува рано, музиката нека нѐ стопли, вели младата кантавторка во најавата на концертот.

На концертот ќе настапи со нејзиниот долгогодишен бенд: Лука Тошев (гитара), Драган Теодосиев (тапани), Андреа Мирческа (бас), а се најавува и еден специјален гостин.

„Растенија без корен“ е деби-албум на Јашари. Содржи девет песни, снимени во различен период од изминативе три години, на различни локации со различни луѓе.

Дел од песните, „Градот“, „Растенија без корен“, и „Морето ме тера да мислам“ имаат видеоспотови а, особено е впечатлив дуетот „Кревка“, во кој Дина соработува со познатиот кантавтор Пијан Славеј (Фолтин), композиторот Дуке Бојаџиев и гитаристот Лука Тошев.

Концертот е поддржан од Министерство за култура и туризам.

ИЗДВОЕНИ