Истакнатата млада кантавторка на современата македонска музичка сцена, Дина Јашари, годинава е официјално избрана да ја претставува Македонија на најголемиот европски шоукејс фестивал „Eurosonic Noorderslag“ (ESNS) 2026. Ова 40. фестивалско издание ќе се одржи од 15 до 18 јануари 2026 година во Гронинген, Холандија.

Настапот на Дина на овој престижен настан претставува значајна можност за нејзината кариера, но и важен момент за нашата, но и регионалната музичка сцена.

Таа ќе има уникатна можност да ја претстави својата музика пред меѓународната публика и пред врвните музички професионалци од светската индустрија.

„Eurosonic Noorderslag“ е препознатлив како фестивал што открива нови музички ѕвезди и претставува платформа низ која поминале некои од најголемите имиња на современата музика, меѓу кои Дуа Липа, Fontaines D.C., Џејмс Блејк, Росалија и Wet Leg.

Секоја година фестивалот привлекува повеќе од 40.000 посетители, обожаватели и професионалци од музичкиот свет.

Дина Јашари, позната по своите хитови, меѓународни турнеи и по актуелниот албум „Растенија без корен“, се наметнува како едно од највлијателните имиња на новиот музички бран, албум што критиката го препозна како искрен и автентичен приказ на современата реалност и свеж здив на регионалната сцена.

Нејзиниот настап на ESNS ќе биде петто учество на македонски артист на овој фестивал, по Кирил Џајковски, Бернајс Пропаганда, Фанк Шуи и Луфтханза. Оваа година, Дина Јашари е името што ќе ја претстави Македонија на големата европска сцена во Гронинген.

 

ИЗДВОЕНИ