Целосно спроведување на новиот Закон за буџети и спроведување прудентна фискална политика преку усвојување конкретни мерки за фискална консолидација, намалување на дефицитот, зајакнување на ефикасноста на прибирање на приходите во буџетот се дел од препораките за РС Македонија од заедничките заклучоци од годинашниот 11. по ред Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство, на кој учествуваше министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
– Усвоените заеднички заклучоци во рамките на дијалогот што се однесуваат на зајакнувањето на фискалното управување, спроведувањето на капиталните инвестиции, зајакнувањето на оперативноста на даночната администрација и следењето на фискалните ризици, се во линија на реформите предвидени како со реформската агенда така и со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии – рече министерката за финансии.
Таа додаде дека во услови на глобална економска нестабилност, фискалната политика е насочена да одговори на неизвесноста присутна во глобалната и во домашната економија. Притоа, додаде, имајќи предвид дека фискалниот простор е ограничен како резултат на последователните кризи, фискалната политика е исправена пред предизвикот за постигнување фискална консолидација, но истовремено и за финансирање иницијативи што го поддржуваат растот.
– Во услови на геополитички турбуленции и трговска војна, ние треба да им овозможиме на нашите компании да се развиваат преку креирање динамична деловна средина, која ќе го ослободи нивниот потенцијал за раст. Значајно за приватниот сектор е подготвеноста на нашите влади да обезбедат квалитетна даночна политика, квалитетна инфраструктура, расположива и квалитетна работна сила, пристапна енергија, помал административен товар и правна рамка што ќе овозможи креирање регионални синџири на снабдување. Она за што треба да размислиме и одлучиме ние, како креатори на политики и носители на одлуки, е како да се креира динамично деловно окружување, кое ќе им помогне на нашите компании брзо да се приспособат на сегашната остра конкуренција на глобалниот пазар – рече министерката за финансии.
Во таа насока, таа потенцира дека Владата е посветена на трансформативни реформи во земјава, фокусирани на дигиталната трансформација, одржливата енергетска транзиција, јакнењето на човечкиот капитал, јакнењето на владеењето на правото и подоброто управување со јавните финансии, области што се во фокусот на реформската агенда на земјава.
Според учесниците, Економскиот и финансиски дијалог и понатаму ќе игра значајна улога во постигнувањето на пошироките цели на добро управување и економски просперитет и се сoгласија дека дијалогот треба да продолжи да игра централна улога во утврдувањето на заедничките насоки за политики за поддршка на одржлив среднорочен економски раст и постепено усогласување со економските критериуми за пристапување во ЕУ. Учесниците нагласија дека клучна улога за остварување напредок има спроведувањето на заедничките заклучоци, како и програмите за економски реформи и реформските агенди.
Дискусијата на годинашниот Економски и финансиски дијалог беше фокусирана на конкурентноста на Европа во контекст на сегашните геополитички случувања и на потребата за поедноставување на правната рамка со цел намалување на административниот товар врз компаниите. За да може економијата да креира раст и работни места во услови на трговска војна, на компаниите треба да им се овозможи да ја зајакнат конкурентноста преку инвестиции и иновации.
На годинашниот Економски и финансиски дијалог во Брисел учествуваат министрите на тековното и на двете последователни претседателства со Советот на ЕУ, претставници на земјите членки на ЕУ, претставници на Европската комисија, Европската централна банка, Европската инвестициска банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина.