Овој буџет не е само документ со бројки и табели, тој е економска порака за раст, инвестиции и сигурност за граѓаните, компаниите и за институциите. Вака министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, го образложи предлог-буџетот за 2026 година пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието, со што почна комисиската расправа за она што е планирано во државната каса за следната година. Пратениците имаат поднесено стотина амандмани.
Вкупните приходи на буџетот за 2026 година се планирани на ниво од 374,9 милијарди денари, а расходите на ниво од 414,2 милијарди денари и се насочени кон обезбедување стабилно функционирање на јавните услуги, модернизација на инфраструктурата, подобрување на условите во здравството, образованието и во социјалната заштита, како и континуитет на јавните инвестиции што создаваат долгорочни економски ефекти

Предлог-буџетот за 2026 година ја потврдува посветеноста на Владата за стабилност, предвидливост и одговорно управување со јавните финансии. Овој буџет не е само документ со бројки и табели, тој е економска порака за раст, инвестиции и сигурност за граѓаните, компаниите и за институциите. Вака министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, го образложи педлог-буџетот за 2026 година пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието, со што почна комисиската расправа за она што е планирано во државната каса за следната година. Пратениците имаат поднесено стотина амандмани.
Министерката истакна дека со него се продолжува стратегијата за рационално и дисциплинирано користење на јавните средства, со цел одржлив економски развој и подобрување на животниот стандард.
– Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски дури и во време на глобални предизвици. Со овој документ, Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и на странските инвестиции – кажа министерката.
Според неа, со предлог-буџетот за 2026 година, Владата ги задржува конзистентноста во економските политики и континуитетот со фискалната стратегија 2026–2030 година.
– И она што е најважно за оваа Влада е тоа што не зборуваме многу, туку испорачуваме. Ветивме постепена фискална консолидација, како пред граѓаните така и пред меѓународните финансиски институции и остануваме на ветеното – посочи Димитриеска-Кочоска.
Согласно со предлогот, се очекува економијата да забрза во 2026 година, со реален раст на БДП од 3,8 %, предводен од домашната побарувачка. Главен двигател ќе бидат бруто-инвестициите, како резултат на поинтензивната реализација на инфраструктурните проекти, како и вложувањата во енергетиката, железницата, земјоделството, образованието и во здравството.
Приватната потрошувачка е проектирана со раст од 2,6 %, јавната потрошувачка ќе се одржи умерена, со раст од 1,4 %, во насока на фискална дисциплина, а инфлацијата ќе се стабилизира околу 2,5 %, во услови на стабилни цени на меѓународните пазари.
Позитивните трендови ќе се одразат и на пазарот на труд – се очекува раст на вработеноста и зголемување на просечната нето-плата за 6,5 %. Ова ќе биде како резултат на отворањето нови производствени капацитети, проширување на постојните, како и на активните мерки и програми за вработување што ги спроведува Владата.
– Вкупно гледано, проекциите за 2026 година укажуваат на континуитет на економската стабилност и растот заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и во човечки капитал, како и поттикнување на продуктивноста и на конкурентноста на домашната економија – кажа министерката.
Како што потенцираше министерката, со предлогот, акцентот е ставен на подобрата наплата на сопствените приходи од страна на буџетските корисници, рационалното користење на јавните средства, како и на навременото и реално планирање на капиталните расходи. Системот на субвенции и социјални трансфери ќе биде редизајниран со построги критериуми за да се обезбеди целисходна распределба, додека фискалната дисциплина, транспарентноста и дигитализацијата на процесите ќе обезбедат поефикасни и поквалитетни јавни услуги.
– Вкупните приходи на буџетот за 2026 година се планирани на ниво од 374,9 милијарди денари, а приходната страна е внимателно проектирана за да се обезбеди стабилна финансиска рамка во услови на глобална неизвесност. Расходите се планирани на ниво од 414,2 милијарди денари и се насочени кон обезбедување стабилно функционирање на јавните услуги, модернизација на инфраструктурата, подобрување на условите во здравството, образованието и во социјалната заштита, како и континуитет на јавните инвестиции што создаваат долгорочни економски ефекти. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 39,2 милијарди денари или на ниво од 3,5 % од планираниот БДП, што претставува намалување за 0,5 процентни поени во однос на 2025 година. На тој начин продолжуваме со спроведувањето строга фискална дисциплина – кажа министерката и потенцираше дека ревидираните нагорни очекувања за раст на БДП се директна последица на подобрената економска клима, зголемената доверба кај инвеститорите и на засилената јавна инвестициска активност.
Согласно со предлогот, расходите за исплата на плати изнесуваат 52,6 милијарди денари, што е за околу 3 милијарди денари повеќе од 2025 година. Расходите за стоки и за услуги се планирани на 27,9 милијарди денари, со минимално намалување од 0,5 % во однос на претходната година. За исплата на пензиите, обезбедени се 116,8 милијарди денари, вклучувајќи го порастот за 2026 година, според законските решенија.
Обезбедени се 12 милијарди денари за исплата на надоместоците за социјална заштита на најранливите категории. За активни мерки и политики за вработување, кои вклучуваат креирање програми за нови работни места, поддршка за младите, лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош, се предвидени 2,6 милијарди денари.
– Капиталните инвестиции, во висина од 40,2 милијарди денари, ги опфаќаат клучните проекти во транспортната, енергетската, образовната и во здравствената инфраструктура. Фокусот на Владата е да обезбеди забрзано темпо на реализација, со цел модернизација на земјата и подобрување на условите за граѓаните и за стопанството – истакна министерката.
Во делот на задолжувањето, министерката истакна дека во 2026 година се предвидува навремена и целосна отплата на обврските во вредност од 74,8 милијарди денари, при што политиката на Министерството останува стабилно управување со јавниот долг и обезбедување соодветна ликвидност во текот на целата година. За финансирање на дефицитот, предвидено е задолжување на домашниот и на странските пазари.
– Предлог-буџетот за 2026 година е уште еден доказ дека кога ќе ветите нешто, мора да го испорачате доколку сакате да ве препознаваат како сериозна влада, секако, и како сериозен партнер на меѓународната заедница. Секој денар од народните пари е планиран со цел да обезбеди максимален ефект за граѓаните и за економијата, при строго почитување на буџетските лимити и постепено усогласување со фискалното правило од 3 %. Нашата цел е јасна: преку усвоените политики и мерки за фискална консолидација, да го намалиме буџетскиот дефицит, да го контролираме јавниот долг и да обезбедиме долгорочна фискална стабилност, која е темел за економски раст и за подобар животен стандард за сите граѓани – рече министерката за финансии.
Опозициската партија СДСМ остро го критикуваше предлог-буџетот за 2026 година, оценувајќи го како признание за економската неспособност на Владата. Тие посочуваат дека проектираниот дефицит од 3,5 % од БДП директно го прекршува законскиот лимит од 3 % утврден со Законот за буџети. Оттаму изразија загриженост и поради намалувањето на капиталните инвестиции, наведувајќи дека планираните 40,5 милијарди денари за 2026 година се речиси 7 милијарди денари помалку од износот од 47,3 милијарди денари, утврден со ребалансот за 2025 година. Сметаат дека ја доведуваат во прашање проекцијата за раст на БДП од 3,8 %, тврдејќи дека таа е базирана на потрошувачката, а не на продуктивните инвестиции и на структурните реформи.
(С. Бл.)












