Димитриеска-Кочоска: Првиот инвестициски циклус од британскиот заем ќе изнесува 2,2 милијарди евра и ќе трае пет години

22

Новиот инвестициски циклус, кој ќе биде поддржан преку стратешкото партнерство со Обединетото Кралство го носи проектнотo финансирање во нашата земја и реализација на проекти како во сите други европски земји. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во 360 Степени, појаснувајќи дека станува збор за финансирање коешто се применува и досега преку други меѓународни финансиски институции.

„Во однос на новиот инвестициски циклус станува збор за проектно финансирање со што конечно се однесуваме како секоја една европска држава. Поточно, имате конкретен проект, има инвестиција за која знаеме колкав е периодот на изведба и во тој период не враќаме ништо. Тоа, е оној грејс период, а потоа ќе следи периодот на отплата. Колкав ќе биде периодот на отплата ќе покаже физибилити студија која ќе каже кој би бил приходот од проектот“, рече министерката за финансии.

Таа додаде дека Владата не оди во оптимистичка варијанта за реализација на сите 6 милијарди одеднаш, имајќи предвид дека за тоа треба да има проекти кои се зрели и можат да се реализираат. При тоа рече дека сега станува збор за проект во железничката инфраструктура и здравството.

За изворите на финансирање посочи дека ќе бидат комбинирани и дека дел од средствата ќе бидат од британската Влада, а ќе се влечат постепено, согласно реализацијата на проектите.

„Авансно плаќање нема да има. Првата фактура треба да биде во 2027 година. Парите ќе ги влечеме така како што ќе реализираме. Пет годни, колку што трае еден циклус, ќе повлекуваме така што како се одвива реализацијата и така ќе плаќаме. Така беше првично најавено. Дека ќе имаме грејс период, период на изведба и период на отплата“, наведе министерката.

Таа потенцира дека ова е различно од издавањето еврообврзница.

„Издавањето еврообврзница не значи проектно финансирање. Кога имаме огромни проекти коишто ќе значат додадена вредност за идните генерации, тој трошок треба да го споделите и со идните генерации. Не можете да го носите целиот товар. Така ситуацијата со Коридорот 8 и 10д. Во 2023 година има најголемо префрлање од 14,5 милијарди денари кон Бехтел и Енка или 230 милиони евра. Истата година 2023 издадена е еврообрзница со која е финасиран овој дел со 7% камата. Дали е тоа во ред. Ние велиме одиме со проектно финансирање, што ќе биде поевтино од овие 7%, кое ќе подарзбира во годините најпрвин да инвестираме, да не плаќаме и да не вршиме отплата“, рече Димитриеска-Кочоска.

Во однос на влијанието врз јавниот долг, рече дека кога се инвестира во истовреме има и раст на БДП.

„Не може да очекуваме да имаме задолжување, а да немаме раст на БДП, и да имаме лоши проценти или зголемен јавен долг. Тоа можеше во минатото, кога непродуктивно се трошеа парите и имавме ситуации да правиме најразлични трансфери кон одредени јавни претпријатија и акционерски друштва“, рече министерката.

Таа посочи дека првиот циклус подразбира некаде околу 5 години реализација и дека тие 2 до 2,2 милијарди евра годишно ќе бидат по 400 милиони, средства кои нема да имаат влијание само врз долгот, туку ќе придонесат за растот на економијата затоа што реализацијата на проектите ќе има ангажирано македонски компании.

Дополнително наведе дека дел од проектите што ќе се финансираат во првиот циклус, од здравството, се веќе буџетирани и дека нивната реализација нема да има влијание врз долгот.

Во однос на конкретните услови, министерката рече дека се уште траат преговорите и дека ќе биде познато откако ќе се потпише Меморандумот за разбирање. При тоа посочи дека потенцира дека во целиот процес ќе се обезбеди конкрурентност и целосно почитување на Законот за јавни набавки.

ИЗДВОЕНИ