Димитриеска-Кочоска: Ќе биде поразително ако се откажеме од глобалниот минимален данок

10

Некој одлучил да биде против оваа држава. За данок што треба да се плати, поразително е да се откажеме од нешто што компанијата, сепак, ќе го плати во матичната земја, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во врска со одлуката на Уставниот суд да го укине Законот за минимален глобален данок на добивка.

Таа рече дека нема информација за некаква одлука за укинување на овој данок.

– Првпат слушам дека има некаково поништување на минималниот глобален данок, а ако има поништување на тој данок, ќе кажам дека жалам затоа што компаниите ќе го платат тој данок во своите матични земји, а земјава ќе загуби приход. Компаниите не може да се спасат од овој данок – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа појасни дека данокот се вовел во глобални рамки и дека го плаќаат сите компании.

– Доколку не го платат во земјата каде што работат, компаниите ќе го платат овој данок во матичната земја. Значи, секако ќе го платат и сметам дека ако некој го поништил Законот за овој данок, тој е против оваа држава – рече Димитриеска-Кочоска.

Уставниот суд во ноември лани поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за минимален глобален данок на добивка, бидејќи, според иницијаторот, тој се применува ретроактивно.

Министерката, исто така, информираше дека првиот поврат на парите уплатени од компаниите за солидарен данок ќе се реализира во март, а вториот дел во март следната година.

– Конечните листи се направени. Најголем дел од компаниите се согласија враќањето да биде на две рати. Обрасците се подготвени. УЈП треба да ги објави обрасците на својата веб-страница и очекувам компаниите да ја добијат првата половина на износот на солидарниот данок во март –  рече Димитриеска-Кочоска.

 

ИЗДВОЕНИ