Димитриеска Кочоска: Измените на Буџетот за 2025 произлегуваат од потребите на граѓаните, институциите и стопанството

25

Предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2025 година произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството, и се во согласност со макроекономските движења и реализацијата во првата половина на годината. Овие измени не го менуваат суштински нашиот пристап, туку го подобруваат, оптимизираат и прилагодуваат Буџетот кон приоритетите – сервисирање на клучните обврски, подобра распределба на расходите и поефикасно користење на расположливите извори на финансирање, истакна денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска образложувајќи го дополнетиот предлог на измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година.

– Вкупните приходи се проектирани на 362,4 милијарди денари, што е зголемување од 1% во однос на иницијалниот план. Овој незначителен пораст е резултат на непроменета проекција на даночни приходи, зголемени неданочни приходи, како и проширувања на буџетите на сметките за самофинансирачки активности. Даночните приходи остануваат стабилни и според планот, благодарение на добрата реализација во првата половина од годината, подобрената методологија за проектирање и засилената координација меѓу Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Царинската управа. Дополнително, заложбите за намалување на сивата економија, дигитализација на процедурите и засилените контроли ќе придонесат за уште подобра наплата до крајот на годината, рече Димитриеска Кочоска.

Министерката кажа дека социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 117,1 милијарди денари, односно истите се непроменети во однос на придонесите планирани со Буџетот за 2025 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари, што е зголемување за околу 1%, или приближно 3,5 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции. Буџетскиот дефицит останува непроменет – 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.

– Ова отстапување од фискалното правило е резултат на потребата од финансирање на обврски предвидени со закон и договори, како и на инфраструктурни инвестиции со висок приоритет, рече Димитриеска Кочоска.

Зголемувањето на расходите, како што кажа таа, се базира на реалокација на средства помеѓу буџетски корисници на неопходните расходни позиции, користење на сопствените приходи со цел непречено тековно работење, односно преку проширување на сметките на сопствените приходи се обезбедиле дополнителни средства за проекти од областа на животната средина, поддршка во енергетиката, културата и образованието, здравството за набавка на инсулин и медицинска опрема.

– Дообезбедување на средства за непречена исплата на плати, пред се наменети за финансирање на зголемените плати за 10% за вработените во Министерството за внатрешни работи за околу 1 милијарда денари. Зголемен трансфер до Фондот за ПИОМ од Централен Буџет од 2,5 милијарди денари со цел непречено финансирање и исполнување на обврските на Фондот за исплата на зголемените пензии и транзициски трошоци, како и дообезбедување на средства за капитални расходи кај институции за проекти со поинтензивна реализација, пред се во Министерството за одбрана за околу 1 милијарда денари, рече Димитриеска Кочоска.

Министерката за финансии образложи дека капиталните расходи се проектирани на 47,4 милијарди денари, што претставува 11,7% од вкупните буџетски расходи и 4,6% од БДП – што значи дека развојната компонента на Буџетот останува еден од неговите столбови.

– Средствата се наменети за патна, железничка и локална инфраструктура, реконструкција и модернизација на здравствени установи, капитални вложувања во образованието и социјалната заштита, исполнување на договори во одбраната и безбедноста, како и рурален развој. Дополнително, ја продолжуваме финансиската поддршка кон општините, преку инвестиции во капитални проекти и инфраструктура и поддршка на финансиска стабилност. Со последната Одлука за пренамена, дополнително се буџетирани 584 милиони денари, а за локални инфраструктурни проекти во 2025 година се планирани вкупно 6,5 милијарди денари, рече Димитриеска Кочоска.

Овие инвестиции, посочи пред пратениците, се водени од принципите на рамномерен регионален развој, стимулирање на добро буџетирање и наплата на локални приходи, и подобрување на методологијата за пресметка на трошоци за тековно одржување. Проектираниот дефицит за 2025 година е во износ од 41,3 милијарди денари и одлив во износ од 84,2 милијарди денари, од кои за отплата на надворешен долг 49,2 милијарди денари, за домашен долг 17,0 милијарди денари, одлив по гаранции во износ од 2,7 милјарда денари и одлив по даден заем кон Развојна банка на Северна Македонија во износ од 15,4 милијарди денари, а ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Според Димитриеска Кочоска, државниот долг на крајот на 2025 година ќе изнесува 53,3% од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1%.

Министерката за финансии пред Собранието зборуваше и за најновите движења во економијата за клучните индикатори за состојбата на нашето макроекономско окружување.

Според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, БДП во првиот квартал од 2025 година забележа реален раст од 3%, односно 3,2% ако се земе предвид сезонската и календарската прилагоденост.

-Со тоа, го продолжуваме позитивниот тренд којшто започна во втората половина на минатата година. Овој резултат е особено значаен ако се има предвид сложеното надворешно окружување – геополитички тензии, трговски ограничувања, како и намалена побарувачка од нашите главни партнери. Најголем придонес за економскиот раст имаат услугите, индустријата и градежништвото. Услугите пораснаа за 2,2%, индустријата за 2,1%, а градежништвото имаше највисока стапка на раст – 7,1%. Дополнително, индустриското производство во мај бележи раст од 9,4%, што зборува за забрзување на активноста. И земјоделството, кое често се соочува со предизвици, го продолжи позитивниот тренд со раст од 0,7%, рече Димитриеска Кочоска.

Јасно е, смета таа, дека растот на БДП е поттикнат од зголемената домашна побарувачка. – Бруто инвестициите пораснаа за значителни 18%, а финалната потрошувачка за 1,9%, предводена од личната потрошувачка – која бележи раст од 2,1%. Ова укажува на зголемен расположлив доход кај граѓаните, благодарение на повисоките плати, повисоките пензии и зголеменото кредитирање. Јавната потрошувачка бележи умерено зголемување од 1,1%, а извозот, по седум квартали во негативна зона, конечно влезе во позитивна со раст од 1,2%. Увозот, пак, расте со стапка од 5,8%, пред сè поради зголемениот увоз на интермедијарни производи и услуги. Сепак, позитивен сигнал доаѓа од мај – извозот на стоки тогаш бележи висок раст од 23,4%, што резултираше со кумулативен раст од 3,2% во периодот јануари – мај. Истовремено, увозот бележи раст од 1%, што доведе до намалување на трговскиот дефицит за 4% во однос на истиот период минатата година, рече министерката.

Трендот со стабилни и охрабрувачки резултати продолжува и на пазарот на труд. Стапката на невработеност во првиот квартал е на најниско ниво досега од 11,7%, а истовремено, вработеноста се зголеми на 46,3%, а бројот на вработени се зголеми за над 15 илјади лица во однос на истиот период лани. Просечната нето-плата во април бележи значаен раст од 10,6% номинално, но, како што нагласи, она што е поважно за 7,8% реално. Растот, според Димитриеска Кочоска, е евидентен во речиси сите дејности, а највисоки зголемувања има во здравството, образованието и административните услуги – токму сектори од клучно значење за општеството.

Ја истакна и стабилната динамика на кредитирањето. -Заклучно со мај, кредитната активност порасна за 12,1% на годишно ниво – при што кредитите за домаќинства растат за 10,1%, а за претпријатија дури за 14,3%. Ова го поддржува и растот на депозитите – 12,2% во просек – што е знак на доверба во финансискиот систем и во економските политики што ги водиме. Имајќи ги предвид ваквите остварувања за стабилизирање на економијата во 2024 година, во 2025 се очекува натамошно забрзување на економската активност, со проектиран раст од 3,7%. Оваа проекција останува непроменета, имајќи предвид дека резултатите од првиот квартал се во рамки на очекувањата, со позитивни сигнали за понатамошна динамика, рече министерката.

Клучен двигател на економскиот раст, потенцираше таа, се очекува да бидат бруто-инвестициите. Само во првиот квартал се бележи силен раст, што се предвидува да продолжи и во текот на годината, со проекција од 8,6%. – Ова, пред сè, се должи на зголемената реализација на големи државни инфраструктурни проекти, како и на засилените капитални инвестиции од страна на општините – поддржани со дополнителни финансиски средства под поволни услови. Дополнително, значителен импулс очекуваме од приватниот сектор. Со финансиските средства што веќе се достапни под извонредно поволни услови, само во првите пет месеци повлечен е речиси половина од предвидениот износ за поддршка на инвестиции во производни и извозни капацитети, рече таа.

Во однос на потрошувачката, приватната потрошувачка се очекува да порасне за 2,6% во реални износи. Извозот, кој во изминативе две години беше под притисок од надворешни фактори, вели министерката, во 2025 година се очекува да закрепне, со раст од 2,2%. Со раст на домашната побарувачка и умерено зголемување на извозот, се предвидува увозот да порасне за 3,3%.

Пазарот на труд продолжува со позитивни тенденции. Проектираме раст на вработеноста од 1,6% и намалување на стапката на невработеност на 11,1%, а стапката на вработеност да достигне 47%. Активните мерки за вработување, преку Оперативниот план за 2025 година, се насочени кон младите, жените и ранливите категории.

-Ќе поддржиме мерки за стекнување нови вештини, преквалификација и развој на претприемништвото. Што се однесува до инфлацијата, во 2025 година очекуваме таа да се стабилизира на 2,8%. Иако имаше краткотраен пораст на цените во почетокот на годината, особено кај храната, владините мерки за ограничување на маржите веќе даваат резултати – цените бележат забавување. Базичната инфлација покажува стабилизирачки тренд кој очекуваме да продолжи, рече Димитриеска Кочоска.

Дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се проектира на 2,2% од БДП – понизок од лани, главно поради подобрените очекувања кај нето-извозот.

Министерката рече дека се очекува благо забавување кај странските директни инвестиции во споредба со 2024, но тие ќе останат на солидно ниво, што ќе придонесе задржување на девизните резерви на адекватно ниво.

Сепак, таа рече дека и понатаму постои неизвесност поврзана со геополитичките тензии, особено конфликтите во Украина и Блискиот Исток.

-Потенцијалното влошување на трговските односи во светот може да има негативни последици за синџирите на снабдување и за довербата на инвеститорите. Внатрешно, евентуалното забавување на реформите и капиталните проекти би можело да ја одложи очекуваната економска динамика. Исто така, ризиците за инфлацијата остануваат – поврзани со нестабилните цени на примарните производи и геополитичките шокови, рече Димитриеска Кочоска.

Заменик народниот правобранител Илбер Руфати се обрати на седницата посочувајќи дека и покрај изнесените барања за зголемување на буџетот за народниот правобранител тоа не е направено.

Собранието денеска ја започна 62. пленарна седница на која на дневен ред е дополнетиот предлог на измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година, Предлог на завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година, по скратена постапка.

Пратениците треба да донесат одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество вo меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан, а треба да го разгледаат и Предлог на законот за установи за средно образование на верските заедници, во прво читање.

Дневниот ред на 62. седница е дополнет со Предлог на Закон за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво, по скратена постапка на предлог на пратеници од владејачкото мнозинство, како и со одлука за распишување јавен оглас за директор на Агенцијата за заштита на личните податоци.

ИЗДВОЕНИ