Димитриеска-Кочоска: Глобалните промени не се закана, туку можност за развој

13

Македонија влегува во нова фаза на економска трансформација, со јасен фокус на инвестициите, дигитализацијата и на фискалната стабилност, порача министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во своето обраќање на отворањето на истанбулскиот економски самит 2025, кој годинава се одржува на 11 и 12 декември под мотото „Нова рамнотежа и глобална соработка“.

Настанот ги собра носителите на економските политики, меѓународните финансиски институции, претставниците од академската заедница и бизнис-секторот од регионот и од Европа, со цел да се разгледаат клучните прашања поврзани со глобалните економски промени, неопходните реформи и градењето нови партнерства во свет исполнет со динамични предизвици.

Во своето обраќање, министерката нагласи дека современите економии се соочуваат со силни притисоци, од геополитички ризици до енергетски и технолошки шокови, поради што државите мора активно да работат на креирање адаптивни и отпорни системи.

– Светот не е ист. Геополитичките ризици, енергетските предизвици и економските шокови создадоа нова светска архитектура. Денес, глобалните економски и политички односи се движат со невидена динамика – истакна Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека токму затоа државите, особено оние во развој, мора да дејствуваат проактивно.

Таа потенцира дека Македонија веќе гради економија заснована на фискална дисциплина, предвидливост и на модернизација, обезбедувајќи подобри услови за приватниот сектор и за инвеститорите.

Со тековните реформи во јавните финансии, приоритет се зајакнувањето на буџетската одржливост, повеќе средства за продуктивни инвестиции, зголемената транспарентност и ефикасноста во трошењето на јавните ресурси.

Министерката го истакна развојот на човечкиот капитал и на дигитализацијата како основа на новата економија. Владата работи на дигитални јавни услуги, подобрување на финансиската инфраструктура и на интеграција на домашните компании на меѓународните пазари, истовремено поттикнувајќи ги младите да останат и да градат кариера во земјата.

– Новата глобална соработка не е само предизвик – таа е можност. Македонија е подготвена да биде дел од овие процеси со нови инвестиции, реформи, партнерства и со јасна визија за иднината – порача министерката, нагласувајќи дека државата избира да биде активен учесник во креирањето економски решенија, а не пасивен набљудувач.

Фокусот на истанбулскиот економски самит 2025 е насочен кон економските политики за одржлив раст, јакнењето на економската соработка меѓу државите и кон развојот на нови партнерства.

Самитот ќе отвори дискусија за глобалната економија, за одржливиот развој и зелената економија, за енергетиката и финансиите, за дигиталната трансформација, како и за улогата на образованието за привлекување странски инвестиции.

Учеството на министерката Димитриеска-Кочоска претставува можност за унапредување на економската дипломатија и за позиционирање на Македонија во регионалните процеси.

ИЗДВОЕНИ