Екoномските показатели во одредени сектoри, кoнечно, покажуваат позитивни резултати. Ме радува тоа што, по долго време, податоците за бруто домашниот производ (БДП) покажуваат дека приватниот сектор е главен двигател на економскиот раст во нашата земја, со особено значајно учество на градежништвото и во земјоделството. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоскаво телевизиско гостување, нагласувајќи дека растот денес не зависи од јавната потрошувачка, туку од активностите и од инвестициите на приватните компании.
– Она што особено ме радува и охрабрува е фактот што приватниот сектор создава нови можности, инвестира во развојот и ја стимулира продуктивноста на економијата. Градежништвото бележи забележителен раст, кој директно влијае на инфраструктурниот развој, а земјоделството, по долги години негативни резултати, покажува позитивна динамика два последователни квартала. Ова јасно покажува дека сме на правилната патека и дека остваруваме резултати согласно со она што сме го планирале како влада – кажа министерката.
Таа додаде дека, и покрај предизвиците во јавниот сектор и пазарните ограничувања, приватните компании продолжуваат да ја стимулираат економијата, придонесувајќи за стабилноста и за одржливоста на бруто домашниот производ.
– Особено ме радува што растот сега го генерира приватниот сектор, кој е моторот на економијата, а не јавната потрошувачка, како што тоа беше случај во минатото – нагласи Димитриеска-Кочоска.
Министерката истакна дека Владата останува посветена на создавањето услови за понатамошен развој на приватниот сектор.
– Ќе продолжиме да поттикнуваме бизнис-средина, да вложуваме во инвестиции, иновации и во нови работни места и да ја одржуваме фискалната дисциплина. Приватниот сектор, особено градежништвото и земјоделството, покажуваат дека се основен двигател на економскиот раст и ние ќе продолжиме да ги поддржуваме со конкретни мерки и стратегии – подвлече таа.
Таа очекува дека ќе продолжи оваа позитивна динамика и во следните квартали и дека Владата ќе остане фокусирана на зацврстувањето на економските основи, поддршката на бизнисите и на создавањето поволна клима за инвестирање. Овие податоци за приватниот сектор, како што рече, се поттикнати и од поддршката што ја добија компаниите од унгарскиот кредит, кој се реализира преку Развојната банка.