Општина Прилеп најверојатно ќе биде подрачје на кое ќе има најмногу независни кандидати за градоначалник бидејќи таму потребните два потписа собираа шестмина граѓани. Ова го покажуваат последните податоци на Државната изборна комисија соопштени вчера попладне, десетина часа пред крајниот рок за собирање на потписите, а кој истече заклучно со полноќ на 1 септември. Според податоците на ДИК, до денеска попладне се собираа потписи за кандидати за градоначалници во 19 општини за 32 кандидати, а за советнички листи во 15 општини за 17 листи.
– Според последната статистика, за градоначалници собираат потписи во следни општини: Македонска Каменица (2 кандидати), Куманово, Охрид, Дебарца, Струга, Дебар, Центар, Демир Капија, Македонски Брод, Кочани, Битола (2 кандидати), Могила, Новаци (2 кандидати), Гостивар, Демир Хисар (5 кандидати), Прилеп (6 кандидати), Долнени, Шуто Оризари и Град Скопје. А за совети на општини во Куманово, Старо Негоричане, Струга, Дебар, Свети Николе, Лозово, Карпош, Македонски Брод, Кочани, Чешиново Облешево, Битола (2 листи), Прилеп (2 листи), Долнени, Чучер Сандево и Могила – информираа денеска од ДИК.
Ова е мало зголемување на бројот на кандидатурите во однос на податоците од саботата кога потписи за градоначалници се собираа во 16 општини за вкупно 22 кандидати, додека за членови на советот потписи се собираа во 11 општини за вкупно 12 листи. Но, останува впечаток дека наместо голем број вонпартиски кандидати за градоначалници и за советнички листи се случил сосема мал број желби да се учествува во изборната трка. Ова е значително помал одѕив на независните кандидати во споредба, на пример, со локалните избори во 2021 година. Тогаш, на изборите беа пријавени дури 57 независни листи за советници во 40 општини, а кои, на крајот, собраа вкупно 56.000 гласа на граѓаните. Со тоа тие, практично, тогаш станаа четврта политичка сила во државата. Познато е, поради недонесувањето на измените во Изборниот законик, ДИК зазеде став со кој независните кандидати за градоначалници може да се пријават за учество со само два потписа кои треба да се соберат во определен рок.
Ова го поставува и прашањето зошто на овие избори се случува опаѓање на интересот на независните кандидати за учество во изборната трка. Според универзитетски професор и социолог, Ѓорѓи Тоновски, ова има свои причини.
– Прво, треба да се помисли на тоа дека граѓаните, сепак, ја сфатија сериозноста на оваа работа каква што е учеството на изборите. Односно, дека тоа е сепак една сериозна активност со која не може да се постапува несериозно. Исто така, јасно им е дека големите мастодонти какви што се политичките партии имаат покриено сè и прашање е што во таква ситуација може да направат одредени граѓани кои сами немаат многу ресурси за таков голем изборен ангажман. Со мал број луѓе околу себе, сепак, не можеш да направиш сè што подразбира изборна трка – нагласи Тоновски.
Според него, индикативно е и тоа што нема многу претставници од граѓанскиот сектор, од граѓанските организации од каде што би можеле да дојдат кандидати кои ги знаат проблемите по општините. Во Македонија, познато е, има околу 5.000 најразлични граѓански организации, од кои поактивни се околу 1.700 но тие се најмногу од областа на спортот, рекреација, хоби и слично.
– Граѓанскиот сектор кај нас никогаш не заживеа, тоа се група луѓе кои се собираат по одредени теми и мотиви, кои ќе состават некоја програма за работа и потоа од време на време ќе испраќаат соопштенијата до граѓаните. Тие треба да бидат постојано активни, а не се. Значи, на хартија има многу граѓански органзиации но тие и се активни само на хартија. А токму вакви граѓански организации би требало да бидат главен извор на независни кандидати за локалните избори оти добро ги знаат проблемите. Можеа и да направат коалиции, да се обединат но не направија, оти слабо и комуницираат меѓу себе – наведува социологот Тоновски.
И комуникологот Бојан Кордалов смета дека учеството на изборите не е исто што и „пробување на среќа“.
– Се надевам дека партиите, како и независните листи и кандидати, разбраа дека да се учествува на избори не значи да си ја пробувате среќата, туку единствено да се кандидираат ако имаат план и програма, концепт и кандидати кои ќе ги спроведат ветените проекти и активности. Принципот „важно е да се учествува“ мора конечно да го напуштиме и да сфатиме дека изборите се секако празник на демократијата, но првенствено тест за тоа колку граѓаните ве перципираат реално позитивно и колку досега сработеното го препознаваат како политичка опцијана на која ќе дадат поддршка – нагласува Кордалов.
Тој додава дека бројот на пријавените претставува реална понуда во моментот.
– Според мене, колку независни листи и да има, тоа е реалната понуда во моментов, особено земајќи предвид дека секоја личност имала избор и еднаква можност да се претстави и да ја побара поддршката од граѓаните. Изборот е важна работа и суштинска, би рекол во секое демократско општество. Истовремено, важно е традиционалните партии да сфатат дека не се сами, ниту единствени на политичката сцена, па оттука доколку не се вложат и постојано фокусираат кон граѓаните, тогаш постои можност да бидат заменети или поразени – вели тој.
Кордалов додава дека независните листи и иницијативи се важни и добри во демократијата, но во никој случај не би смеело да се дозволи систем во кој дел од граѓанскиот сектор свесно ќе се создава и развива како расадник на партиски кадри.
– Тоа се регресивни процеси за развојот на граѓанскиот сектор, негова политизација и водење кон партизација на државата. Вакви примери во минатото сме виделе од двете страни на политиката и дефинитивно влијаеле врз намалувањето на довербата во цивилниот сектор, како и негативно за довербата на граѓаните во политиката и институциите – најласува овој експерт. (Б.Ѓ.)