Државната изборна комисија на донесе Упатство за гласање на Локалните избори 2025. Гласањето е лично, а избирачите на гласање ќе можат да одат само еднаш, ќе се идентификуваат со лична карта или со пасош. Ќе можат да гласаат и лица чија важност на документите им истеклa од денот на распишување на изборите до 19 октомври. Пред да го добијат гласачкото ливче избирачите ќе бидат проверувани со апаратите за биометриска идентификација со десниот палец.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, истакна дека ќе бидат ставени печати на избирачките ливчиња пред тие да им бидат дадени на гласачите. Гласањето се врши самостојно, тајно зад параванот со пенкало во сина боја, а потоа ливчињата (по четири за Градот Скопје, по две за другите 80 општини) се ставаат во посебни гласачки кутии.
Забрането е групно, семејно или гласање за друг, фотографирање на избирачкото место и носење оружје на гласачкото место.
Доколку гласачот има потреба за помош при гласањето тоа ќе му биде овозможено, но тој сам треба да ја искаже својата волја.
Во врска со правилникот за платено политичко рекламирање Александар Даштевски, член на ДИК, истакна дека ДИК, АВМУ, ДКСК и ДЗР имаат испратено писмо до Собранието во врска со примената на Изборниот законик поврзанo со платено политичко рекламирање за Локалните избори 2025 година во кое тврдат дека во законот има нејаснотии.
Претседателот на ДИК Кондарко рече дека согласно Изборниот законик, ДИК нема никакви допирни точки со надлежноста на АВМУ во врска со определувањето на времето и средствата за рекламирање на политичките партии.
– Така што ние немаме согласно закон никакви надлежности за правилникот на друга институција која е надлежна согласно нејзините законски обврски. Како што кажа и колегата Даштевски, ние се имаме обратено до Собранието – рече Кондарко.
Инаку, денеска истекува рокот за поднесување барања за набљудување на изборите и дека досега се акредитирани 74 домашни набљудувачи и 110 меѓународни владини и невладини организации.
ДИК донесе одлука за ангажирање на помошен персонал за денот на Локалните избори, кои ќе работат на резултатите од изборите, како и за ангажирање на лица од МВР за обезбедување и транспорт на доверливиот материјал за гласње (гласачки ливчиња, избирачкиот список и уредите за биометриска идентификација).