ДИК: Излезноста до 17 часот на ниво на државата е 34,62 отсто, во Град Скопје изнесува 28,52 отсто

25

Најголема излезеност на ниво на државата до 17 часот има во Општина Конче (64,44 отсто), а од скопските општини во Карпош (40,73 отсто)
Излезеноста во вториот круг од локалните избори на ниво на државата, заклучно со 17 часот, изнесува 34,62 отсто, објави Државната изборна комисија (ДИК).

Процентот на излезеност на гласачите е согласно обработени 99,89 отсто од избирачките места. Во апсолутни бројки, до 17 часот на гласање излегле 350 261 граѓани од вкупно 1 013 357 кои имаат право на глас во вториот круг од локалните избори за градоначалник, што се одржува во 32 општини и Градот Скопје.

„Споредено со излезноста во првиот круг во 17 часот, тогаш изнесувала 39,62 отсто“,

информира портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска.
Најголема излезеност на ниво на државата до 17 часот има во Општина Конче (64,44 отсто), следува Дојран со 62,96 отсто, Демир Капија со 62,71 проценти, Крушево со 61,89 отсто и Росоман со 63,58 проценти.

Најмала излезеност има во Куманово (27,41 проценти) и Шуто Оризари (26,33 отсто).

На ниво на Град Скопје, излезеноста до 17 часот изнесува 28,52 отсто. Вкупниот број на избирачи кои излегле на гласање изнесува 134 586, според 99,56 проценти од избирачки места од кои пристигнале податоци до ДИК.

Од скопските општини, најголема е излезеноста во Општина Карпош (40,73 отсто), следува Центар со 39,44 проценти, Аеродром со 36 проценти, Кисела Вода со 34,48 отсто. Излезеноста во Ѓорче Петров до 17 часот е 29 проценти, во Шуто Оризари 26,33 проценти, Гази Баба со 25,79 отсто и Бутел со 25,79 проценти. Најмала е излезеноста во Чаир 12,04 отсто и Сарај со 8,77 проценти.

ИЗДВОЕНИ