ДИК им ги одзеде акредитациите на осуммина домашни набљудувачи поради агитирање пред гласачко место

43

Државната изборна комисија денеска во рамки на 151. седница расправаше по два приговори за остварување на право на глас, при што во двата случаи утврди дека лицата се запишани во Избирачкиот список и до 19 часот можат да го остварат своето право и донесе одлука за одземање на акредитациите на осуммина домашни набљудувачи поради постапување спротивно на Изборниот законик и на Кодексот за набљудување.

Едниот приговор беше поднесен од лицето Трајче Камчев од општина Центар и како што беше посочено на седницата по проверката на стручната служба утврдено е дека лицето е запишано во Избирачкиот список на избирачкото место 1354 во Општината, поради што приговорот е одбиен.

-Ова лице е запишано во Избирачкиот список на избирачко место 1354 во општина Центар и слободно може да го оствари своето право да гласа, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Членовите на ДИК расправаа и по приговор, стигнат по електронска пошта од лицето Ќемал Исмаилоски од Кичево, кој приговара дека не бил пронајден во уредот за биометриска идентификација. Приговор, освен до ДИК е испратен и до Народниот правобранител и до државното Обвинителство. Кондарко посочи дека по проверката на стручната служба и на ИТ секторот е утврдено дека лицето е запишано во Избирачкиот список и во уредот за биометриска идентификација.

Членот на ДИК, Александар Даштевски побара воопшто да не се произнесат по овој приговор, бидејќи тој е доставен од електронска адреса, која не е од овластено лице и можеби не е лично од приговарачот, а исто така е доставен и до Омбудсманот и до Обвинителство и поради тоа, според него, воопшто не треба да се одлучува во ДИК, а Обвинителство да утврди дали приговорот е од тоа лице или се злоупотребени лични податоци.

Кондарко истакна дека Обвинителството го има овој мејл и може да ги испита останатите околности, кои не се однесуваат на ова избирачко право, а оти во ДИК е надлежна за правото да се гласа.

Тој исто така посочи дека досега во ниту едно избирачко место не е забележано оневозможување на остварувањето на правото на гласање.

ДИК донесе одлука и за одземање на акредитациите за набљудување на осум лица. Станува збор за домашни наљудувачи во Општина Шуто Оризари, за кои во текот на денот ДИК добила пријава за злоупотреба на беџовите за домашни набљудувачи, односно агитирање во училиште пред гласачки места.

-Регистрирани биле следниве лица: Елвис Бајрам, кандидат за градоначалник од Сојузот на Ромите во првиот круг, Сеат Исмаил, кандидат за советник во Шуто Оризари, Валентина Бајрам, сестра на Елвис, Шабан Бајрам, Габриел Бајрам, Решад Сокол, кандидат за советник на Општина Шуто Оризари, Ќамуран Реунаред, Алмир Сали, кандидат за советник во Општина Шуто Оризари. На овие лица ДИК им издала акредатации за набљудување, согласно доставените податоци до нас и констатиравме дека овие лица го пречекориле Кодексот за набљудување за лица кои треба непристрасно да се однесуваат на гласачките места и вршеле агитирање на гласачките места, изјави Кондарко.

Тој посочи дека ДИК го известило МВР за овој настан, бидејќи тие агитирале надвор од гласачкото место, каде ДИК не е надлежна. По одземањето, додаде Кондарко, ќе ја известат Општинската изборна комисија во Шуто Оризари и избирачките одбори да не им дозволуваат влез на овие лица во избирачките места и во објектите на гласање, односно дека не смеат да се повикуваат на акредитациите и беџовите, кои претходно им се дадени од ДИК.

Следната седница ДИК ќе ја одржи во 15:30 часот, на која ќе информира за излезеноста од гласањето.

ИЗДВОЕНИ