Гласачки ливчиња долги метар-два, можеби дури и во форма на тетратки и книги што ќе наликуваат на телефонски именици со бројни имиња, кои може да бидат и идентични, па и слични… дали може да биде регуларен изборниот процес тогаш? Ова е само една од дилемите што се јавуваат сега, откако Државната изборна комисија синоќа донесе конечна одлука околу условите под кои ќе може да се кандидираат независните вонпартиски кандидати. Седумчлената ДИК со само еден глас против изгласа правилник кој ќе важи само за есенските локални избори и според кој независните кандидати за советници и за градоначалници ќе треба да обезбедат најмалку два потписа од избирачите во подрачните канцеларии на ДИК. Тоа е решение кое никогаш досега не се применувало во македонската изборна практика и кое сега може да предизвика цунами со бројот на кандидати, но и ризици за фер и регуларноста на изборниот процес. На ова предупредуваат правните експерти и поранешни претседатели на ДИК, кои наведуваат дека можеле да се донесат и други решенија со кои барем ќе се ублажат ризиците.
На одлуката на ДИК ѝ претходеше фијаското со итната собраниска седница закажана набрзина во саботата. На неа, на крајот, не се изгласа предложеното законско решение независните да мора да собираат по 0,5 проценти од вкупно запишаните гласачи во одредена општина. Тоа беше своевиден компромис откако претходно беше предложено тој процент да изнесува 0,95 проценти од запишаните избирачи и што беше само мало попуштање од партиите, иако во мај годинава Уставниот суд го укина процентот од 1 отсто, како „недемократски“. Итното закажување на собраниската седница за која пратениците беа повикани од годишен одмор создаде впечаток во јавноста дека партиите се договорени да бидат изгласани новите услови. Но, на седницата, на површина излегоа противењето на ДУИ и неможноста да се обезбеди Бадентеровото правило, по што не се донесоа нови услови, а на собраниските служби им останува да пресметаат колку пари се потрошени за ваква неуспешна седница. По ова, на ДИК не ѝ остана ништо друго туку сама да ги утврди правилата врз основа на важечките одредби во Изборниот законик, кои предвидуваат учество на „групи избирачи“ на изборите.
Можност за изборни манипулации
– Со предложениот Правилник не се излегува надвор од законските рамки. Во Изборниот законик на сила е членот 63, кој предвидува собирање потпис. Таа постапка треба да постои на некаков симболичен начин и затоа предлагам да биде потпишан пропишаниот образец од најмалку двајца избирачи – на седницата на ДИК, членот Александар Даштевски го објасни својот предлог, кој на крајот беше прифатен како конечно решение.
Но, сега се отвораат прашањата врзани за спроведувањето на оваа можност, евидентирањето на кандидатите, изготувањето гласачки ливчиња, можноста граѓаните да имаат јасна претстава за кого да гласаат. На последните локални избори во 2021 година, учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини, кои вкупно собраа 56 илјади гласа, а сега се очекуваат значително повеќе.
– Постои можност наместо јасна листа за гласање, да добиеме тетратка со голем број имиња, каде што партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе има долги списоци со имиња. Ќе продолжи примената на членот од Законот според кој независните групи ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите наместо со називот на групата, односно ќе стојат „група избирачи“ и името и презимето на носителот на листата. Ова отвора можност да се појават слични имиња со цел да се создаде забуна кај гласачите. Пример: Билјана Ивановска и Биљана Ивановска. Ова веќе се случуваше на претходните избори – предупредија вчера од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Во неколку изборни циклуси во Македонија, досега имаше случаи во кои одредени партии избираа за свои кандидати за парламентарните избори личности со слични имиња со оние на кандидатите од ривалските партии. Така, на пример, во 2016 година се појавија кандидати со имиња како Стево Продановски, што беше слично со Стево Пендаровски, Радмила Шукуровска слично на Радмила Шеќеринска. Претходно, имаше слчини примери во кои Зоран Зашев му беше противкандидат на Зоран Заев, Рада Шеќерова на Радмила Шеќеринска, Јанис Макрис на Јани Макрадули…
И поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, смета дека има големи ризици за регуларноста и за законитоста на целиот изборен процес.
– Нема дилеми дека ќе се случи ситуација во која може да имаме многу кандидати за градоначалници и за советници. Условот со два потписа е лесен и може да повлече многу граѓани сами да се кандидираат, но може да повлече и опасност некоја партија да прави опструкции. Што, на пример, ако во Скопје имате околу 1.000 кандидати за градоначалници и за советници? Правилата се јасни, сите тие треба да бидат наведени на гласачкото ливче. А, на што ќе личи тоа ливче? На хартија долга неколку метри, можеби и ќе треба да се направи посебна книга со сите кандидати, која ќе се дели на гласачките места. Дали е технички можно и изводливо тоа? Се плашам дека може да настане хаос на гласањето – се прашува Новаковски.
Дилема околу бројноста на „група избирачи“
Новаковски смета дека ДИК морала да направи поинаква интерпретација на преостанатите важечки одредби од Изборниот законик.
– Мислам дека тие се решиле за класично бирократско толкување на важечките одредби. Не велам дека не се во право, но ако се водеа со примарниот интерес да треба да ја обезбедат законитоста на изборниот процес, требаше да дадат поинакво толкување. Мене ми е спорно зошто се дефинира „група избирачи“ само со двајца граѓани. ДИК требаше да претпостави дека со тоа ќе се случат бројни кандидатури и опасност од хаос и можеше да предвиди услов за кандидирање од по 100, 200, 300… потписи и така да ја толкува „група избирачи“. Со тоа ќе се намалеше опасноста од хаос. Ако, како ДИК, во минатото сте можеле да донесете одлука да се гласа на изборите со истечени лични карти, зошто група од по 100 лица би била кршење на законот? – потенцира Новаковски, додавајќи дека ДИК многу пати била во ситуации да регулира нешто што претходно не било регулирано со некој закон.
Од друга страна, две граѓански иницијативи, „Зелен хуман град“ и „Независни заедно“, и натаму продолжуваат со собирањето на по 1.000 потписи на граѓаните за формирање политички партии.
– Овој Правилник ќе важи само за овие избори. Не сакаме повеќе неизвесност во пет до дванаесет – соопштија „Независни заедно“. (Б. Ѓ.)
Илиевска објави кандидатура за градоначалник на Битола, Левица неделава ќе го промовира својот фаворит за Скопје
Од друга страна, бројот на независните кандидати сè повеќе се зголемува. Денеска и Габриела Илиевска од граѓанската иницијатива „Поинаку од Битола“ и претседавач на општинскиот Совет објави дека ќе се кандидира за градоначалник на Битола.
– По сите шпекулации, написи, приказни, плукања, честитки, еве да расчистиме. Ве повикувам сите битолчани, без разлика дали сте симпатизери или членови на која било политичка партија, гласачи досегашни на која било политичка опција, досегашни негласачи, сите што сакате да живееме во поубава, почиста, непартиска, независна Битола, да ме поддржите за независен кандидат за градоначалник и да се приклучите кон фронт против 30 и кусургодишното запоставување на градот – повика Илиевска во објавата на својот профил на социјална мрежа „Фејсбук“.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пак, најави дека неговата партија деновиве ќе го објави својот кандидат за градоначалник на Град Скопје.
– Скопјани, а бе не ви е доста од истите хохштаплерски и нехаризматични сурати од двете најголеми партии, кои сакаат да се дограбат до градската власт за да потоа им шибаат бизнисите и тендерите!? Не мислите дека е дојдено време за свежа крв во главниот град на местото од овие рециклирани транзициски ликови, кои ѝ се слуги на урбаната мафија? Затоа Левица оваа недела ќе го обелодени својот кандидат, а ваш сограѓанин, за градоначалник на Скопје – најави Апасиев.