Дијана Петрова, за „Мизенабим“, добитничка на наградата за најдобар расказ „Живко Чинго“ за 2025

20

Дијана Петрова е авторка на расказот „Мизенабим”, избран за најдобар на годинашниот конкурс што го носи името на познатиот македонски и охридски писател и раскажувач, Живко Чинго.

Дијана Петрова е родена во 1992 година, во Делчево и е професорка по македонски јазик и литература. Дипломирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје, каде што и го продолжила своето студирање на втор циклус студии. Авторка е на три објавени книги: романот „Бдеењето над себе“, збирката раскази „Не правете им сенка на гробвите“ и на романот „Излегувањето од сенка – тајното женско училиште“. Таа е автор на многу есеи и раскази објавувани во неколку книжевни списанија („Современост“, „Литературен збор“, „Репер“, „Блесок“, „Окно“,  „Медуза“, „Млади македонисти“, „Премин“). Во 2023 г., за својот расказ „Рош хашана“, ја доби првата награда на конкурсот распишан од Фондот на холокаустот во Македонија. Петрова беше добитник на престижната награда за најдобар расказ  „Живко Чинго“ и минатата, 2024 година, за својот расказ „Јоанес Даубманус“.

Според членовите на жири-комисијата во состав Димитар Пандев, Бранко Цветкоски и Зоран Јаќимоски, победничкиот расказ „Мизанабим” се одликува со извонредна техника на раскажување што се заснова врз едно очигледно длабоко и темелно познавање на високите врвови на светската проза и на теоријата на прозата и притоа не изостанува авторската умешност лесно да ги хармонизира пристапите на некои великани со своето лично авторско проседе.

Наградата ќе ѝ биде врачена на авторката Петрова на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ на 13 август, во селото Велгошти, родното место на Чинго.

На конкурсот, кој го распишува Општина Охрид секоја година, биле доставени вкупно 69 раскази.

ИЗДВОЕНИ