Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој почина при уривање на настрешницата во Нови Сад, штрајкува со глад деветти ден. Возачот Миломир Јаќимовиќ објави дека и тој од денеска ќе стапи во штрајк со глад, а ќе му се придружи и неговиот син, објави N1 Србија.
Дијана Хрка штрајкува со глад деветти ден пред српското Собрание, во близина на шаторската населба на поддржувачи на српската влада, каде што, како што објави таа, утрово е испукан топовски удар. Според наводите на Дијана Хрка на Инстаграм, топовскиот истрел е испукан во 6:40 часот наутро, а таа објави и фотографии на кои се гледа чад во дел од паркот Пионир.
View this post on Instagram
Хрка штрајкува со глад пред српското Собрание во Белград од 2 ноември, барајќи вистина и одговорност за трагедијата во која загинаа нејзиниот син Стефан и уште 15 други лица, претежно млади. Таа исто така бара ослободување на сите студенти уапсени за време на антивладините протести што траат една година и распишување предвремени парламентарни избори.
Повеќе од половина година просторот пред парламентот во Белград е окупиран со шатори. Кампот, познат на јавноста под прекарот Ќациленд, првично се наоѓал во паркот Пионир и бил претставен како израз на протест од страна на студентите кои „само сакаат да учат“, како што гласел слоганот. Сепак, барањата што доведоа до создавањето на кампот денес се речиси заборавени, а оние што се собраа од самиот почеток не беа само студенти.
Со текот на времето, кампот се прошири на платото пред Народното собрание, шатори има и на патот, а значењето на ова „населување“ е сè помалку јасно, освен што е еден вид противудар на студентските протести што траат веќе една година поради трагичната смрт на 16 лица во Нови Сад. Некои медиуми постојано укажуваат дека во Ќациленд се собираат хулигани и насилници во служба на режимот на Вучиќ.












