Наместо да прифати разговори со македонските власти во однос на барањето за уставните измени, официјална Софија испраќа пораки пред мала група претстстваници од бугарските здруженија во Македонија и со тоа ја засилува својата дипломатска позиција, пренесувајќи ги клучните пораки дека инсистира на уставни измени. Овој пристап дополнително ја усложнува комуникацијата меѓу двете влади, оставајќи впечаток дека Софија избегнува формални средби додека Скопје бара јасни европски гаранции.
Бугарскиот претседател Румен Радев на средба со претставници од бугарски здруженија во земјава од Битола, Охрид, Скопје, Прилеп, Кавадарци и Кочани, истакнал дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав значително ќе го забрза патот на државата кон Европската унија.
-Се надевам што е можно поскоро нашиот југозападен сосед да го направи тоа, за да ја отвори вратата кон преговори за полноправно членство, истакнал Радев на средбата.
Како што пренесе БТА, бугарскиот претседател посочил и дека должност на секоја демократска држава е ефикасно да ги штити правата на сите свои граѓани и да го гарантира нивното право на самоопределување.
-Сите се надеваме интеграцијата на РСМ да се случи што е можно побргу, но тоа не може да биде на сметка на правата на бугарската заедница во државата, вели Радев и изрази надеж дека властите во земјава што поскоро ќе го исполнат европскиот компромис од 2022 година и ќе ги впишаат Бугарите во Уставот.
Радев констатирал дека токму Бугарите од Македонија први го поставиле прашањето за ефикасно гарантирање на нивните права во сопствената држава, и денес тоа е заедничка кауза не само на сите бугарски институции, туку и на ЕУ.
Претставниците на бугарските организации од земјава, пак, на состанокот со Радев, изразиле надеж дека Македонија нема да ја користи бугарската заедница како алиби за да не ги спроведува неопходните реформи што ја водат земјата кон ЕУ. Како што пренесува БТА, тие категорично се спротивставиле на идејата за уставни измени со одложено дејство или други услови, бидејќи „се работи за гарантирање на основни човекови права“. Тие истакнале дека како лојални граѓани на својата држава очекуваат институциите да им гарантираат еднакви права и ефикасна заштита од дискриминација. Побарале и Бугарија да поттикне повеќе студенти од Македонија да студираат во бугарските универзитети.
-Тие информираа за своите загрижености во врска со процесот што се одвива во Скопје за изработка и усвојување на План за акција за заштита на правата на заедниците, што претставува важна обврска на Република Северна Македонија од Европскиот компромис од 2022 година. Беше истакнато дека не биле вклучени во подготовката на планот од самиот почеток, како и исклучително краткиот рок во кој одеднаш биле повикани да достават оценки и предлози за документот, објави БТА.
Оваа средба и изјавата на Радев следува откако македонскиот прмеиер Христијан Мицкоски, на брифинг со македонски новинари истакна дека иницијативите од Брисел и од други европски влијателни земји за одржување средби на високо ниво со Бугарија засега не добиле конкретен одговор од Софија. Мицкоски порача дека останува нејасно дали бугарската Влада е подготвена да учествува на ваквите разговори, додека од македонска страна локацијата и форматот на средбите ќе зависат од тоа дали прашањето ќе се третира како билатерално или како европско. Премиерот повтори дека барањата за гаранции од ЕУ се логични и произлегуваат од искуствата од минатото, како и дека Владата нема да прифати процес кој ќе отвори простор за нови условувања.
– Нема партнер за танго. Имаше иницијатива и од Брисел и од други влијателни земји за состаноци на високо ниво, да се седне да се разговара. До овој момент, нема информација дали бугарската Влада е подготвена и дали сака да присуствува на тие состаноци, истакна премиерот Мицкоски на брифинг со новинарите.
Во однос на тоа дали македонската страна прифаќа да разговара во Софија или само во Брисел, Мицкоски рече дека зависи од тоа дали прашањето се третира како билатерално или не – ако не е билатерално прашање, тогаш е логично да се разговара во Брисел, а ако го решаваме сами, како што бара бугарската Влада, тоа е билатерализација.
Во однос на барањата за гаранции, премиерот истакна дека поучени од институционалната меморија од минатото дека секоја отстапка создава простор за нови услови, логични се овие барања од македонски страна.
– Уставните измени се само почеток. И утре да ги внесеме Бугарите во Устав, прашање е само дали за 3, 6 или за 9 месеци ќе имаме нов услов. Едно е политика, а друго е национален интерес. Прашањето е дали ќе продолжиме по овој пат да бидеме наивни дека ако правиме отстапки, тоа е начинот. Јас не мислам дека тој пат е добар. Овој пат по кој оди оваа Влада е тежок, но не е срамен, истакна премиерот.
Нема никакво поместување од европските партнери во однос на барањата за гаранции, ниту по изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој токму од Софија порача дека е логично на Македонија да ѝ се дадат гаранции. (В.С.Н.)












