– Конференцијата претставува значаен форум каде што се среќаваат различни дисциплини – науката и уметноста, технологијата и културата, со заедничка цел: да го истражиме и да го разбереме динамичниот процес на дигиталната трансформација, кој ја обликува современата ера – посочи вонредниот професор, магистер и декан на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, Благојче Наумоски, на отворањето на конференцијата на која повеќемина говорници од научен аспект и со бројни идеи го образложија своето видување на оваа тема

 

„Новата дигитална револуција во науката и уметноста“ е насловот на 15. меѓународна научна конференција што се одржа вчера, на Европски универзитет – Скопје, во организација на Факултетот за арт и дизајн.

– Денес живееме во време кога вештачката интелигенција, машинското учење, роботиката, големите податоци, виртуелната и проширената реалност, блокчејн технологиите и дигиталните медиуми не се само алатки туку и нови културни и научни парадигми. Тие ги менуваат нашата перцепција, нашето творештво, начинот на кој истражуваме, комуницираме и создаваме нови идеи – кажа вонредниот професор, магистер и декан на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, Благојче Наумоски, на отворањето на конференцијата на која повеќемина говорници од научен аспект и со бројни идеи го образложија своето видување на оваа тема.

Наумоски додаде и дека конференцијата претставува значаен форум каде што се среќаваат различни дисциплини – науката и уметноста, технологијата и културата, со заедничка цел: да го истражиме и да го разбереме динамичниот процес на дигиталната трансформација, кој ја обликува современата ера.

– Мисијата на оваа конференција е токму тоа: да отвори простор за интердисциплинарна дебата за критичко преиспитување и за иновативни решенија. Таа е место каде што се среќава академијата со индустријата и со културата, каде што младите истражувачи и креативци ги презентираат своите идеи, а сите заедно градиме мостови помеѓу традицијата и иднината – додаде деканот Наумоски.

Според него, особено е важно што оваа конференција не се задржува само на технолошките аспекти туку ја отвора и големата дебата за етичките, општествените и за филозофските димензии на дигиталната револуција.

– Бидејќи, колку и да е брз технолошкиот напредок, неговата вистинска вредност се мери според тоа колку придонесува кон подобра, покреативна и похумана иднина – додаде деканот Наумоски.

Во рамките на програмата на оваа конференција, свое излагање имаше и проф. д-р Зоран Крстевски, кој зборуваше на тема „Откривање на смислата во ерата на дигиталната револуција“.

– Во ова време на егзистенцијална несигурност, притисоци и разни аномалии, човекот ја загуби смислата, сè почесто влегува во апсурдност на постоењето, ја губи волјата, станува корисник на антидепресиви и се чувствува несреќно. Затоа акцентот беше ставен на позитивните вредности, кои може да му помогнат на човекот да ја пронајде смислата на своето постоење – посочи Крстевски.

На предавањето, тој зборуваше и за отуѓувачките фактори, кои создаваат впечаток дека и покрај тоа што сме опкружени со многу луѓе во ова дигитално време, повторно се чувствуваме осамено.

– Осаменоста стана болест на 21 век и многумина се во социјална дисфункција, лоша интеракција и со чувство на осаменост – додаде Крстевски.

Тој посочи афирмативни примери од својата книга „Будење на позитивната енергија“, каде што предочува дека секој е осамен сам за себе и не треба да се потпира на општествените фактори, туку да работи на подигање на својот дух и да вложува во личниот развој, како и да разбере дека постојат можности и алатки за подигање на позитивната енергија.

Меѓу говорниците беше и проф. д-р Иванка Апостолова, која зборуваше на тема „Креирање на експериментални видеотеатарски проекти, продукција“, додека асс. м-р Славица Танеска го презентираше уметничкото дело „Јавач на дигиталното време“.

Магистер Викторија Андонова, пак, зборуваше на тема „Дигитализација на возниот ред и плаќањето билети преку мобилна апликација дизајнирана во Figma“, додека д-р Елена Јанкоска го претстави заедничкиот труд со проф. д-р Александра Станковска – „The Author, the Algorithm, and the Image: A Historical and Legal Analysis of AI’s Impact on Visual Arts and Intellectual Property“. (Д. Т.)

 

ФОТО: П. СТОЈАНОВСКИ

ИЗДВОЕНИ