На Босфорскиот филмски фестивал, филмот ги доби специјалната награда на жирито и наградата за најдобар актер за Ариф Јакуп. На Севилскиот европски филмски фестивал (SEFF), „Ахмет“ повторно ги воодушеви жирито и публиката, освојувајќи ги гран-прито на жирито и наградата за најдобар актер. На интернационалниот филмски фестивал „Брауншвајг“, пак, ја освои наградата на публиката за најдобар европски дебитантски или втор филм
Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги Унковски направи голем подвиг: за само два дена освои шест престижни награди на три различни филмски фестивали во Европа!
На Босфорскиот филмски фестивал, филмот ги доби специјалната награда на жирито и наградата за најдобар актер за Ариф Јакуп. На Севилскиот европски филмски фестивал (SEFF), „Ахмет“ повторно ги воодушеви жирито и публиката, освојувајќи ги гран-прито на жирито и наградата за најдобар актер.
На интернационалниот филмски фестивал „Брауншвајг“, пак, филмот беше признат како најдобар европски дебитантски или втор филм на жирито (Volkswagen Financial Services Film Prize) и ја освои наградата на публиката за најдобар европски дебитантски или втор филм.

– Ова е неверојатно признание за целата екипа, особено за Ариф Јакуп и Георги М. Унковски. Македонија повторно го истакнува својот талент на светската филмска мапа – велат од тимот на „Диџеј Ахмет.
Филмот и екипата се поддржани од бројни национални и меѓународни филмски институции, меѓу кои македонската Агенција за филм, „Еуримаж“, Чешкиот филмски центар, HAVC, Филмскиот центар на Србија и други.
Овој успех ја потврдува креативната моќ на македонскиот филм, но и ја зацврстува позицијата на Унковски како еден од најперспективните македонски режисери во Европа.
Инаку, ова е прв долгометражен филм на Георги Унковски. Филмот го прикажува животот на 15-годишниот Ахмет, игран од Ариф Јакуп, во јуручко село во Македонија.

Филмот се снимаше во октомври и во ноември 2024 година (вкупно 36 дена), во радовишките јуручки села Коџалија и Али Коч, како и во Скопје. Филмот, кој е на турски и на македонски јазик, претставува копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија.
Филмот ја имаше својата премиера на 23 јануари 2025 година, на фестивалот „Санденс“, каде што освои две награди. Филмот ги доби наградата од публиката во програмата „Светски филм“ и специјалната награда на жирито за креативна визија.












