Британскиот боксер Ентони Џошуа доживеал ужасна сообраќајна несреќа во Нигерија, во која загинале двајца негови пријатели. Нивните имиња се Латиф Ајоделе и Сима Гами, кој му беше фитнес-тренер повеќе од една деценија. Тие, исто така, започнале бизнис заедно, бидејќи отвориле вежбалница во Лондон, а тој бил признат експерт во областа на подготовување на спортистите, закрепнување од повреди и тренер за корективни вежби.
Ентони Џошуа бил со нив во Нигерија на одмор, по својата скапа борба против поранешниот јутјубер Џејк Пол. Тие доживеале сериозна сообраќајна несреќа на пат што е меѓу најсмртоносните во земјата. Неговите пријатели претрпеле повреди поради кои не можеле да преживеат, а Џошуа наводно бил 20 минути во несвест на возачкото седиште. Наместо амбулантно возило, кое никогаш не се појавило, Џошуа бил извлечен од своето место од мештаните, кои се собрале да видат што се случува. Според Би-би-си, автомобилот управуван од легендарниот тешкаш се движел со голема брзина, а потоа удрил во камион паркиран пред продавница.

– Го видовме Џошуа во автомобилот и рековме: „Тој е нашата слава овде, во Нигерија“, па веднаш се обидовме да го спасиме. Тој го напушти местото на несреќата сам, на нозе, ја поздрави толпата, ѝ се заблагодари, се ракуваше… – рече еден очевидец.
Локалните медиуми јавуваат дека патот меѓу градовите Лагос и Ибадан е меѓу „најсмртоносните патишта“ во земјата. Долг е 127 километри и во ова време од годината сообраќајот на него е многу чест поради семејните патувања на одмор.












