Џоломарската група од кавадаречкото село Ресава, средствата собрани за време на Василица ќе ги инвестира во реновирање на старата училишна зграда, со цел развој на етнотуризам.
Како што информираат од групата, веќе е отворена етнособа, а во наредниот период планираат изградба на апартмани за туристи кои сакаат да го посетат селото во близина на Тиквешкото Езеро.
Од џоломарската група, посочуваат дека Ресава располага со богата природа, традиционално производство на вино и ракија, како и значајно културно наследство, што претставува добра основа за туристички развој.
Тие потсетуваат дека џоломарството е вековна традиција, која секоја година, на Василица, симболично ги брка лошите духови и го најавува доброто, а средствата добиени од настапите сега ќе се искористат за селото.












