
Швајцарската џокејка Сибил Фогт (30) е суспендирана на шест месеци откако не успеа на допинг-тест. Причината е позитивен резултат на кокаин, а нејзиното објаснување е невообичаено, објави „Билд“.
Во текот на рутинска допинг-контрола на 28 март во Компињ, Франција, во нејзиниот А-примерок бил пронајден кокаин. Таа веднаш била суспендирана во Франција, додека во Германија привремено ѝ било дозволено да продолжи да се натпреварува. Сепак, Б-примерокот, исто така, го потврдил наодот.
Невообичаен изговор за позитивниот тест
На сослушувањето одржано во јули, Фогт понуди шокантно објаснување. Таа тврдеше дека позитивниот резултат е поради секс со некој што претходно консумирал кокаин. Според неа, ова се случило дента пред самиот тест и нејзиниот партнер потврдил дека зел дрога.
На сослушувањето, таа призна дека не е сосема невина, наведувајќи дека била невнимателна во текот на врската со лице што консумирало забранети супстанции. И покрај објаснувањето, казната не изостана. Ѝ беше наредено редовно да се тестира во иднина, а во пресудата се наведува:
„Анализата на биолошкиот примерок покажа присуство на супстанција класифицирана како наркотик и нејзини метаболити. Нема спор, а џокејката го објаснува ова со причини од својот приватен живот. На споменатата ѝ е забрането да учествува на трки во период од шест месеци“.
Слични случаи
Случајот на Сибил Фогт потсетува на слични ситуации во спортот. Во 2009 година, францускиот тенисер Ришар Гаске тврдеше дека позитивниот резултат се должи на ненамерно внесување кокаин на забава, а слични објаснувања во минатото дадоа и американската боксерка Вирџинија Фукс и украинската тенисерка Дајана Јастремска. Двете подоцна беа ослободени од обвиненијата.
Која е Сибил Фогт?
Сибил Фогт, родена на 23 март 1995 година во Лајмбах, Швајцарија, се етаблираше како една од најуспешните џокејки во германскиот и во европскиот коњички спорт. Иако доаѓа од Швајцарија, таа ја претставува Германија и е дел од шталата на Петер Ширген во Келн. Пред тоа, работеше во шталата на Кармен и Георг Бочкај во Баден-Баден.
Таа влезе во историјата во 2019 година, кога го освои „Д-р Буш меморијал“ со својот коњ Винтерфукс, станувајќи само третата жена што победила некогаш на групна трка во Германија. Една година подоцна, постигна уште еден историски успех со победата на Меѓународниот џокеј-предизвик во Ријад, каде што ги победи легендите како Ланфранко Детори и Оливие Песлиер во генералниот пласман откако беше дисквалификуван Мајк Смит. Во 2021 година, таа влезе во историјата со победата на германскиот „1.000 гвинеи“ во Диселдорф, станувајќи првата жена што победила на една од класичните трки во Германија.