среда, февруари 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Џиновите кројат нов свет, аларм за Македонија да не плати пак висока...

Џиновите кројат нов свет, аларм за Македонија да не плати пак висока цена

Малите држави немаат луксуз да бидат само набљудувачи во светот на големите сили. Македонија стои пред предизвик да се позиционира мудро во време на актуелните геополитички турбуленции. Според познавачите што ги консултиравме, државата мора да води флексибилна надворешна политика, која ги штити националните интереси, а не само да следи насоки од големите сили. Меѓународното право, членството во НАТО и стремежот кон Европската Унија треба да останат основа, но без да се игнорираат сопствените стратешки приоритети. Потребни се способни и департизирани дипломати кои ќе можат навреме да предлагаат алтернативи и да читаат глобални трендови

203

Во време кога светскиот поредок повторно се прекројува, а големите сили ги редефинираат своите односи и позиции, малите држави неизбежно се соочуваат со прашањето како да опстанат, а притоа да не станат колатерална штета на туѓите судири. Војната во Украина, конфликтите на Блискиот Исток, промените во американската надворешна политика и растечката геополитичка конкуренција меѓу САД, Кина и Русија, создаваат динамика што ја турка Европа кон преиспитување на сопствената улога. Предупредувањето на францускиот претседател, Емануел Макрон, дека Европа може да „исчезне“ како релевантен фактор ако остане само набљудувач, дополнително ја нагласува драматичноста на моментот.

За Македонија, овие турбуленции не се апстрактна геополитика, туку прашање на државен интерес и историска лекција. Минатото покажува дека во периоди на големи светски превирања – Балканските војни, Првата и Втората светска војна – земјата најчесто плаќала висока цена. Историјата сведочи дека народите што ги „преспиваат“ пресвртните моменти се будат како губитници во новиот распоред на силите. Токму затоа, овие времиња кога големите сили го прекројуваат светскиот поредок, бараат трезвена анализа и јасно дефинирана државна стратегија.

Ставовите на познавачите што ги консултиравме се движат меѓу два пристапа: едниот инсистира на доследност кон НАТО и европската ориентација, со почитување на меѓународното право и внимателно балансирана флексибилност; другиот повикува на подиверзифицирана надворешна политика, со поголема отвореност кон сите глобални центри на моќ и со понагласено водење од сопствените национални интереси. Заедничка точка на двата пристапа е потребата од силна, професионална и департизирана дипломатија, способна да чита глобални трендови и навреме да предлага алтернативи.

Меѓународното право како ориентир

Коментирајќи ги светските преструктуирања, главно околу големите конфликти, пред сè, оној помеѓу Украина и Русија, потоа интервенцијата на Израел во Газа и, исто така, акцијата на САД во Иран и што тука може да направи една мала држава како Македонија, универзитетскиот професор и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин, во изјава за весникот ВЕЧЕР потсетува дека Македонија е членка на НАТО и дека главен ориентир треба да ни биде меѓународното јавно право, иако тоа честопати е нереспектирано.

Нано Ружин, универзитетски професор и поранешен амбасадор
Нано Ружин, универзитетски професор и поранешен амбасадор

– Не треба да заборавиме дека ние сме членка на Алијансата и како членка, согласно со Северноатлантскиот договор, треба да се придржуваме кон политиката на останатите членки на НАТО што значи дека мораме да се ориентираме во една политика која ни ја наметнуваат и САД и Алијансата, иако постојат одредени недоразбирања внатре, во државите во Алијансата. Секако, ние имаме склучено и договор за стратешко партнерство со Америка, но тој договор, засега барем, оваа нова гарнитура многу не го зема предвид. Јас сметам дека во недостаток на одредени ориентири, во недостаток на една солидарност grosso modo на Европската Унија, нашата држава треба да се ориентира според важечките правила на меѓународното јавно право, смета Ружин.

Според него, државата треба да појде од своите себични интереси и да води пофлексибилна политика, која не смее да биде екстремно спротивна на тоа што сме членка на НАТО и сериозен кандидат за членство во ЕУ.

Во услови на криза, секој се врти кон себе

– Знаете што, онаа старата изрека: Во услови на криза секој се врти кон себе, значи треба да се вртиме кон нашите посебни интереси, стратешки, политички, економски, социјални и да гледаме на таков избор на стратегии кои најмногу ѝ одговараат на нашата држава. Тоа значи, во одредени ситуации сме поблиску до една држава, во друга ситуација поблиску до друга држава или, со други зборови, мораме да имаме една пофлексибилна политика, која, пак, не смее да биде екстремно спротивна на тоа што сме членка на НАТО, но исто така и сериозен кандидат за членство во ЕУ, вели поранешниот амбасадор и посочува дека за таква флексибилна политика потребни се големи и способни дипломати.

– За жал, во овој момент ги нема многу во нашата држава. Токму партизацијата на дипломатијата доведува до тоа честопати да се најдеме во безизлезни ситуации, не знаеме да дадеме одговори, немаме тим на советници или тие тимови се, главно, партиски ориентирани, и сè додека дипломатијата е партизирана, сè дотогаш ќе си поставуваме прашања qui pro quo, односно честопати можеме да лутаме, одредени пораки од поединци честопати да ги третираме како порака од ЕУ или од САД. Така што, во овој миг ни треба сериозно проветрување на дипломатската машинерија и веројатно обновување бидејќи како што гледам, во многу држави ние немаме дипломати, изјави Ружин за весникот ВЕЧЕР.

„Малите“ народи мора мудро да се позиционираат во време на големи геополитички судири 
„Малите“ народи мора мудро да се позиционираат во време на големи геополитички судири

 „Тројка“ врвни експерти како стратешки планери 

Амбасадорот од кариера, Ристо Никовски, исто така, повикува на стратешко планирање на полето на надворешната политика. Според него, само диверзифицирана надворешна политика е успешна.

– Нашиот ригиден однос кон Русија и Кина зборува само за нашиот политички аматеризам. Така беше и со неврзаните, кои единствено не признаваа. Сите Европејци веќе се редат во Пекинг, а тргнаа и кон Москва. Русија, пак, е единствената што нема дилеми дека ние сме Македонци, дека и Кирил и Методиј се Македонци… Сепак, нам ни е најмил Брисел. Ние, секако, нема да го менуваме светот ама, итно мора да се одреди барем „тројка“ од врвни експерти, кои посветено ќе ги следат тенденциите во светот и ќе нудат алтернативи. Тоа се вика – стратегиско планирање. Да продолжиме како досега, нема да можеме. И, добро што е така, бидејќи излез – тешко ќе најдеме! Само диверзифицираната надворешна политика е успешна, вели поранешниот амбасадор во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Тој вели дека меѓународната политичка сцена доживува драматични промени, од кои клучните се позитивни, иако има и проблематични. Никовски забележува на игнорантскиот и понижувачки однос од Брисел кон Македонија, како и на толкувањето на стратешкото партнерство со САД.

Ристо Никовски, поранешен амбасадор
Ристо Никовски, поранешен амбасадор

– Веќе никогаш нема да биде како што беше. Радикалните промени во американската политика кон Кина и Русија, од отворена конфронтација во барање форми за соработка, барем засега, и за некое време, сигурно ќе го спречат говорот на оружјето, кој неизбежно ќе следуваше. Врвен политички чин е да признаеш дека САД војуваа(т) со Русија, во Украина, и дека Киев ја предизвика војната. САД одамна ја третираат ЕУ како свој вазал ама, сега – мостот е урнат. Modus vivendi секако ќе се најде, но… И, каде е Македонија, во сите овие галиматијаси? Со децении, Брисел нѐ понижува и нѐ игнорира, а ние како да не забележуваме. Се залажуваме дека со САД имаме стратешко партнерство, а постои само утешна декларација, на половина страница, подарок од Џорџ Буш, помладиот, по неговиот неуспех во Букурешт (2008). Нема договор, туку обична декларација, која нема никакво реално значење. Ние, секако сме нивни стратегиски партнери, бидејќи правиме сѐ што ни диктираат. Меѓутоа, тие не се наши бидејќи ги игнорираат фундаментални интереси на македонскиот народ, вели поранешниот амбасадор Никовски.

Учесник, не набљудувач

Деновиве, францускиот претседател, Емануел Макрон, предупреди дека Европа ќе биде збришана за пет години ако не направи ништо да стане учесник, а не само набљудувач на светските случувања.

– Ако сакаме да бидеме набљудувачи, тогаш тоа води до среќно покорување. Ние не му пречиме на никого, се обидуваме да бидеме добри кон Американците, а со Кинезите продолжуваме како и досега. Ви велам, ако не направиме ништо, Европа ќе биде збришана за пет години, рече Макрон во интервју за „Зидојче цајтунг“.

Според него, Европа секогаш пропаѓала кога била бавна и поделена.

– Земете ја, на пример, финансиската криза. Зошто тогаш се снајдовме толку лошо? Финансиската криза потекнува од САД. Но, ние страдавме десетпати повеќе од самите Американци бидејќи тие реагираа брзо и колективно. За нас, тоа беше асиметричен шок, бевме поделени. И ни требаа пет до десет години да се справиме со оваа криза, асиметрично помеѓу Северот и Југот. На крајот на краиштата, тоа влијаеше на сите, рече Макрон, а како пример за добриот одговор на Европа, тој ја наведе пандемијата на ковид-19 во 2020 година, кога беше создаден заеднички долг во вредност од 750 милијарди евра.

Предупредувањата на Макрон се директна лекција за помалите држави како Македонија. Историјата покажува дека пасивноста често носи висока цена, а преспивањето на пресвртни моменти води до губење на шансата да се обликува сопствената иднина. Само државите кои ќе умеат да ја предвидат играта на големите и да ги штитат своите интереси, ќе преживеат во новиот светски поредок. Познавачите се согласни дека прашањето не е дали Македонија може да го промени светот, туку дали може мудро да ја одреди својата позиција во него. Во услови кога и самата Европа се преиспитува, Македонија мора да дејствува како учесник, за да не биде повторно колатерална штета на глобалните судири. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ