„Овој приквел-роман на несекојдневен начин ги поврзува книжевноста за деца и онаа за возрасни. Во таа смисла, ’Џинџуџе‘ е и оригинален омаж на Оливера Николова, која пишуваше и за деца и за возрасни; омаж кој ни отвора интересни прашања за тоа како целното раскажување за возрасни може да премине во раскажување за деца, и обратно; како роман може да протече од расказ, и обратно“, се истакнува во образложението на жири-комисијата за победничкиот ракопис на Ермис Лафазановски, добитник на наградата „Оливера Николова“
Ракописот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски е победник на првиот конкурс за најдобар необјавен роман за деца и млади, „Оливера Николова“. На изборот за наградата, која ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка на семејството на Николова, пристигнаа 38 ракописи од 37 автори.
„Романот ’Џинџуџе‘, од истакнатиот македонски писател Ермис Лафазановски, е модерна бајка за потрагата по среќа, ситуирана во наше време и на наш простор. Бајковидноста и вештото и духовито реферирање на фолклорната традиција во романот остварени преку еден џин и едно џуџе (односно преку едно огромно и едно ситно дете), се исправени пред предизвиците на современиот живот обединети во таканаречената ’мол-култура‘ како неизбежен факт на нашето време. Џинџуџе е заедничко (и уметничко) име на двајца најдобри пријатели, џинот и џуџето, кои функционираат како едно суштество. Зближени по принципот на разлики и контрасти (едниот е огромен и силен, интелектуално инфериорен; другиот е ситен и немоќен, интелектуално супериорен), пријателите се досетливи акробати кои изведуваат точки со велосипед низ Скопје, а особено во ’Сити мол’. ‘Џинџуџе’ е прво дело за деца и млади од Ермис Лафазановски. Освен што романот е вистинско освежување во домашната продукција, тој, најверојатно, според новата терминологија на ’спин оф’-постапката во денешните серии, е и прв книжевен приквел (prequel) на друго познато дело од истиот автор. Имено, романот за деца и млади ‘Џинџуџе’ е можно раскажувачко минато на истоимениот расказ за возрасни од збирката ’Туја’ на Лафазановски од 2018 година, застапен во Малата антологија на современата македонска микрофикција ‘Летаат приказни’ од 2019; расказ според кој беше именувана и антологијата на македонскиот краток расказ ‘Џинџуџе во земјата на афионите’ од 2022 година. Овој приквел-роман на несекојдневен начин ги поврзува книжевноста за деца и онаа за возрасни. Во таа смисла, ’Џинџуџе‘ е и оригинален омаж на Оливера Николова која пишуваше и за деца и за возрасни; омаж кој ни отвора интересни прашања за тоа како целното раскажување за возрасни може да премине во раскажување за деца, и обратно; како роман може да протече од расказ, и обратно“, се истакнува во образложението на жири-комисијата за победничкиот ракопис во состав: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка).
Како што истакнуваат од жири-комисијата, во текот на работата е констатирано задоволство и од квантитетот и од квалитетот на пристигнатите ракописи, а особено од шареноликоста на авторите, темите и раскажувачките пристапи и техники.
„Меѓу ракописите имаше дела од писатели кои се веќе познати во книжевноста за деца, дела од писатели етаблирани во книжевноста за возрасни кои првпат пишуваат за деца, свежи дела од дебитанти во книжевноста воопшто. Спектарот на темите беше навистина богат, а беа засегнати и најгорливите теми на нашето време: булингот, осаменоста, (не)инклузивноста на децата со специфичен развој и од ранливите категории. Во најтесен избор за наградата беше романот ’Сам во рој’ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов)“, додаваат од жирито.
Ермис Лафазановски (1961) е истакнат македонски раскажувач, романописец, историчар и теоретичар на литературата, доктор по филолошки науки. Работи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар. Има објавено повеќе трудови од областа на книжевноста и културната антропологија и има дадено значаен придонес во современата македонска проза. Добитник е на неколку книжевни признанија (наградата „Стале Попов“ на ДПМ и наградата „Прозни мајстори“ на фондацијата „Македонија презент“). Неговиот книжевен опус се состои од повеќе романи: „Благородник“, „Опишувач“, „Роман за оружјето“, „Храпешко“, „Недела“, „Историја на луѓето кои умреа од страв“; неколку збирки раскази – „Половина божилак“, „Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите“, „Егзотична кантата“, „Туја“; како и повеќе научни студии, зборници и монографии. Лафазановски преведува и од романски јазик.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е востановена на 11 март 2025 година, на денот на раѓањето на Оливера Николова – првиот без нејзиното физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година. Деновиве „Арс Ламина“ го распиша и вториот конкурс за наградата кој ќе трае до 11 јануари 2026. На него можат да учествуваат автори со необјавени романи (ракописи) за деца и млади.