Американскиот водител на ток-шоу Џими Кимел откако се врати во емисијата што беше укината од ABC пред една недела поради неговите коментари за убиството на патриотот Чарли Кирк рече дека „никогаш немал намера да го омаловажи убиството на еден млад човек“.
„Не мислам дека има нешто смешно во тоа. Ниту пак моја намера беше да обвинам некоја одредена група за постапките на некој што е очигледно длабоко пореметена личност – тоа всушност беше спротивното од поентата што се обидував да ја истакнам“, изјави Кимел пред публиката во неговата емисија, која се емитува во живо, пренесе Ројтерс денес.
Кимел, четирикратен водител на Оскар, како одговор на заканата за укинување на неговата емисија рече дека американскиот претседател Доналд Трамп не само што ги прогонува комичарите што не ги сака, туку и новинарите.
„Тој ги тужи, ги малтретира. Знам дека не е толку интересно како замолчувањето на комичарите, но многу е важно да имаме слободен печат и лудо е што не обрнуваме поголемо внимание на тоа“, рече Кимел.
Тој додаде дека е „длабоко“ трогнат од простувањето што вдовицата на Кирк, Ерика Кирк, му го изрази на обвинетиот убиец на нејзиниот сопруг, 22-годишен студент на технички колеџ од Јута.
Компанијата „Волт Дизни“, која е сопственик на мрежата ABC која го емитува „Џими Кимел во живо!“, ја прекина продукцијата на емисијата на 17 септември, два дена откако Кимел во својот воведен монолог рече дека поддржувачите на Трамп очајно сакаат да го прикажат обвинетиот убиец Чарли Кирк „како нешто друго освен еден од нив“ и ги обвини дека се обидуваат да „освојат политички поени“ од убиството на Кирк.
Пред емисијата да се емитува вчера, Трамп напиша на Твитер дека „не може да верува“ дека ABC ја вратила емисијата на Кимел и наговести за понатамошни мерки против мрежата.
„Тој е друго крило на DNC (Демократскиот национален комитет) и, колку што знам, тоа би бил голем нелегален придонес во кампањата. Мислам дека ќе ја тестираме ABC за ова“, рече Трамп.
Администрацијата на Трамп и многу од нејзините поддржувачи беа гневни од коментарите на Кимел минатата недела, кои дојдоа пет дена откако Кирк, близок сојузник на Трамп и водител на радио подкаст, беше застрелан и убиен на 10 септември додека зборуваше на кампусот на Универзитетот Јута Вали во Орем.
Како одговор на коментарите на Кимел, претседателот на Федералната комисија за комуникации, Брендан Кар, се закани со истрага и ги повика телевизиските станици да ја повлечат емисијата на Кимел или ќе се соочат со можни казни и губење на нивните лиценци за емитување.
Иако компанијата „Волт Дизни“ го врати Кимел во ABC за помалку од една недела, двете најголеми телевизиски станици во групата локални филијали на ABC – „Некстар Медиа Груп“ и „Синклер“ – сè уште ја бојкотираат неговата емисија.