По завршувањето на концертот, Џијан Емин му го подари на новиот војвода диригентското стапче – симбол на хармонија и лидерство – посакувајќи му долго и успешно владеење. Тристано, пак, му ја предаде партитурата со изведената музика, како спомен на уметничката инспирација која го одбележа овој ден

Нашиот истакнат диригент Џијан Емин и пијанистот Франческо Тристано настапија во културниот дел од програмата на свечената инаугурација на новиот војвода Гиjом од Луксембург одржана на 4 октомври годинава.

Емин го предводеше оркестарот во изведбата на композицијата „ОПА“, специјално напишана за овој историски настан, со што ја потврди својата репутација како уметник со визија и автентичност. Настапот се реализираше на покана на Филхармонијата на Луксембург, по нивниот успешен заеднички концерт одржан во јануари годинава.

Франческо Тристано, познат по својата виртуозност и длабока музичка чувствителност, настапи како солист на пијано, внесувајќи извонредна емоционална димензија во целокупната изведба, со што целиот настан блесна во полн сјај.

По завршувањето на концертот, Џијан Емин на новиот војвода му го подари диригентското стапче – симбол на хармонија и лидерство – посакувајќи му долго и успешно владеење. Тристано, пак, му ја предаде партитурата со изведената музика, како спомен на уметничката инспирација која го одбележа овој ден.

Како што е познато, Џијан Емин веќе со години ја гради својата интернационална кариера како диригент, композитор и мултиинструменталист. Познат е по својот уникатен стил што спојува класична музика, џез, рок и електронски звуци. Неговите соработки со светски музички имиња како Дерик Меј, Џеф Милс, Хуан Аткинс, Франческо Тристано, како и добитници на „Оскар“ и „Греми“, меѓу кои А. Р. Рахман, Курт Елинг и Арве Хенриксен, сведочат за неговиот интернационален углед и уметнички кредибилитет.

Од друга страна, Тристано, образован на престижната „Џулијард школа“ во Њујорк, е светски признат пијанист кој мајсторски го истражува спојот на класиката и на современата музика. Неговиот пробив во 2011 година со „Дојче грамофон“ и проектите како Bach/Cage го позиционираа како еден од најиновативните пијанисти на својата генерација.

Настапот на Емин и на Тристано во Луксембург претставуваше симфонија на елеганција, страст и интелектуална прецизност – концерт кој ја надмина формата на протокол и се претвори во вистинска прослава на уметноста.

Инаку, Гијом V е наследник на круната на Луксембург по стапувањето на престолот на неговиот татко во 2000 година, а на 3 октомври 2025 година стапува на престолот на Луксембург и станаува Голем војвода на таа држава.

ИЗДВОЕНИ