| Новообјавените документи за сексуалниот престапник фрлаат сомнеж на извештајот дека тој се самоубил |
Причината за смртта на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин треба повторно да се испита, смета доктор Мајкл Баден, кој бил присутен на неговата обдукција, која била извршена кога бил најден мртов во притворската ќелија.
Повеќе американски медиуми деновиве ја отвораат можноста Епстин да не се самоубил, како што е наведено во официјалниот извештај, туку да бил убиен, а во интервју за „Телеграф“ викендов доктор Баден вели дека не е убеден во веродостојноста на наодот на Канцеларијата на судскиот испитувач во Њујорк, според кого финансиерот си го одзел животот додека го чекал судењето за обвиненијата за сексуална трговија во 2019 година.
– Моето мислење е дека неговата смрт, најверојатно, е предизвикана од притисок од задушување, а не од бесење. Со оглед на сите информации што се достапни сега, потребна е понатамошна истрага за причината и начинот на смртта. Во времето кога судскиот патолог ја изврши обдукцијата, двајцата се согласивме дека, врз основа на извештајот од обдукцијата и достапните информации, потребни се повеќе податоци за да се утврдат причината и начинот на смртта – изјави за „Телеграф“ доктор Баден, кој не ја вршел обдукцијата, туку ја набљудувал, за што бил ангажиран од семејството на Епстин.
Нова сенка на официјалниот извештај за неговата смрт фрлија деновиве објавените снимки од безбедносните камери од ноќта кога починал. Мистериозната „исчезната минута“ од снимката предизвика бурни шпекулации, поттикнувајќи теории дека некој влегол во ќелијата незабележано. Во друг клип од таа ноќ, се гледа нешто како портокалов „одблесок“, како се движи по скалите што водат до оддалечената затворска ќелија на Епстин, за кој, како што откриваат документите, властите не можеле да се согласат од каде потекнува, па претпоставиле дека е можно тоа да бил некој затвореник, наведе „Телеграф“.
Во светлина на овие нови откритија, патологот Баден тврди дека треба да се спроведе понатамошно испитување на причината за смртта на педофилот. Редактирана верзија на документот од обдукцијата на Епстин беше објавена на крајот од декември лани, како дел од последните објавени досиеја. Во него, во рубриката „причина за смрт“, е наведено „во очекување на дополнителни истраги“, а полињата за убиство и за самоубиство се оставени празни. Патологот Бајден тврди дека пет дена по објавувањето на таа потврда за смртта на Епстин, во полето во кое пишувало „во очекување на дополнителни истраги“, д-р Барбара Сампсон, тогашен главен медицински патолог во Њујорк, напишала „бесење“ и ја пополнила графата „самоубиство“. Бајден потенцира дека оваа докторка не била присутна на обдукцијата на Епстин, но таа ги отфрли тврдењата дека доказите укажуваат на смрт со давење, додавајќи дека цврсто стои зад својот наод.
Доктор Баден е првиот човек што изрази сомнеж во официјалната верзија за смртта на Епстин. Уште во август 2019 година, тој изјави за „Фокс њуз“ дека „доказите укажуваат на убиство, а не на самоубиство“.
– Тоа беше мое мислење во тоа време и сè уште стојам зад него. Наодите од обдукцијата многу повеќе одговараат на повреда предизвикана од убиствено давење отколку на предизвикана од бесење со самоубиство – вели тој во разговорот за „Телеграф“, објавен викендов.
Исто така, официјалниот извештај од обдукцијата наведува три различни фрактури на вратот на Епштајн: една на левата хиоидна коска, друга во ‘рскавицата кај тироидната жлезда од десната страна и трета од левата. Доктор Баден тврди дека никогаш не видел самоубиство со бесење со три фрактури на вратот во текот на 50. години додека работел на разгледување обдукциски извештаи за смртни случаи на затвореници во сите државни и локални затвори во Њујорк.
– Дури и со една фрактура, мора да ја испитаме можноста за убиство. Две дефинитивно бараат целосна истрага – вели тој и наведува и други причини за сомнеж за убиство, како, на пример, таа дека јамката направена од портокалов чаршаф не одговара на лузните што останале на вратот на Епстин.
Сомнеж отвора и податокот дека во објавениот документ за смртта на Епстин стои 9 август, денот пред да почине.
И братот на Џефри Епстин, Марк, со години тврди дека тој не се самоубил. Во последната таква изјава дадена за медиумите минатиот месец, тој наведува дека брат му е убиен зашто имал „доволно инкриминирачки информации за Трамп, со кои би можеле да се поништат изборите“ во 2016 година, кога се кандидираше тој за првиот претседателски мандат.












