Македонскиот музичар и композитор Кирил Џајковски, заедно со оркестарот под диригентската палка на Емин Џијан и врвни солисти, вчеравечер во салата на Македонската опера и балет, со својата моќна филмска музичка приказна, долга 25 години, ги водеше присутните на двочасовно аудиовизуелно патување низ најдобрите музички мигови од неговата филмска кариера. Создаде магија што ја крена публиката на нозе…

 

Во полната сала на Националната опера и балет, вчеравечер одекнуваа аплаузи, се слушаа бурни овации и се бараше бис, концертот на музичкиот маг Кирил Џајковски и буквално ја маѓепса публиката. Со својата моќна филмска музичка приказна долга 25 години, Џајковски заедно со оркестарот под диригентската палка на Емин Џијан и врвни солисти, ги водеше присутните на аудиовизуелно патување низ најдобрите музички мигови од неговата филмска кариера.

Фото: Кире Галевски

А во салата ечеше музиката од култни домашни и меѓународни филмови во кои Џајковски беше ангажиран како композитор, а тој го направи – најдоброто. Присутната публика уживаше два часа во музиката од култните остварувања, започна со „Големата вода“ – добитник на награда за најдобра филмска музика во Валенсија, „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „Бал-кан-кан“, „ Piargy“ “– добитник на награда за најдобра филмска музика во Букурешт, „Трето полувреме“… Легендарните музички теми кои беа неизоставен дел од овие филмски остварувања во изведба на Кирил Џајковски, 30-члениот оркестар и музичарите Владимир Крстев на виолина, Ратко Даутовски – перкусии, Антоние Весковски – ударни инструменти, Андреј Трајковски – традиционални инструменти и Игор Иванов -кларинет, како и 10-члениот мешан хор, ја кренаа публиката на нозе.

Филмската музика создадена од Џајковски кој е еден од највлијателните композитори на нашето време, за првпат се изведуваше во живо, а секоја изведба беше проследена со видеоинсерти од филмовите, како и со светлосни ефекти, што на целата атмосфера во салата на МОБ ѝ даде посебна нота и атрактивност што беше соодветно наградено од присутните.

Џајковски кој не ги криеше чувствата, кажа дека му се остварил сонот. Тој му се заблагодари на своето семејство, но и на сите режисери со кои соработувал и кои, како што самиот кажа, „имале целосна доверба во него“, а меѓу нив и Милчо Манчевски, Иво Трајков… кои беа и присутни на концертот. Долгите аплаузи и овациите, беа одговор на неговото музичко мајсторство, а на бис беа изведени и неговите добро познати „Jungle shadow“, „Глобал зурла“…

Концертот претставува ретроспектива на 25-годишното композиторско творештво за филм на Џајковски – музичко патување што не се пропушта, а овој електронски артист-еден од најуспешните во регионот, вети нова средба со македонската публика, да се надеваме наскоро… (Д.Т.)

 

Само на хоризонталната слика – Фото: К. Галевски

 

ИЗДВОЕНИ