Џабе субвенции кога сè уште ораме со рало и плуг

Субвенциите не ги дадоа посакуваните ефекти во однос на зголемување на засадените површини и количините на земјоделски производи. И покрај тоа што државата одвојува 180 милиони евра годишно по основ на субвенции, увозот на храна се зголемува. Земјоделските експерти потврдуваат дека изминатите години субвенциите се користеа како приход за земјоделските семејства, односно, за покривање на основните животни потреби како што се храна, облека и сметки наместо за инвестиции во модернизација на процесите. Анализата на податоците од 2014 до 2023 година за производството и капацитетите покажа дека и покрај тоа што субвенциите растат, бројот на хектари и бројот на грла добиток се намалуваат. Ова за весникот ВЕЧЕР го потврди универзитетски професор Драги Димитриевски, кој вели дека последните десет години и покрај тоа што субвенциите растат, засадените земјоделски култури и добитокот се намалуваат

1461

Во последно време сè почесто се зборува за промена на моделот на субвенционирање. Изминатите години се покажа дека субвенциите не ги дадоа посакуваните ефекти во однос на зголемување на засадените површини и количините на земјоделски производи. И покрај тоа што државата одвојува 180 милиони евра годишно по основ на субвенции, тие завршуваат во бунар без дно. Земјоделските експерти потврдуваат дека субвенциите изминатите години се користеа како приход за земјоделските семејства, односно, за покривање на основните животни потреби како што се храна, облека и сметки наместо за инвестиции во модернизација на процесите и примена на нови агротехнички методи, кои би ја зголемиле продуктивноста и би ја намалиле цената на производството. Според нив, постојниот модел на субвенционирање е повеќе популистички и нема развојна компонента.

– Анализата на податоците од 2014 до 2023 година за производството и капацитетите покажа дека и покрај тоа што субвенциите растат, бројот на хектари и бројот на грла добиток се намалуваат. Единствениот сектор кај кој субвенциите имале ефект, односно, кај кој има минимално зголемување е свињарството, додека, пак, кај овоштарството имаме стабилност на производството. Најголем дел од издвојувањата од Буџетот одат за директни плаќања – субвенции кои не се трошат за инвестиции и за развој на земјоделството, изјави за весникот ВЕЧЕР, Драги Димитриевски универзитетски професор.

Според него, овие пари што се даваат за директни плаќања во земјоделството треба да се пренаменат за инвестиции во земјоделството за да се зголемат производството, капацитетите, продуктивноста… Во спротивност, ваквиот модел на субвенционирање само го зголемува доходот на земјоделците, но не и производството.

– Кај нас, и покрај тоа што годишно се издвојуваат околу 180 милиони евра за субвенции, производството опаѓа. Потребно е да се зголеми процентот кој се одвојува за рурален развој. Треба да се менува моделот на субвенционирање во земјоделството, односно, потребни се инвестиции и модернизација на земјоделството. Со модернизација на процесите во земјоделството и со поголеми инвестиции во механизација ќе се намали и потребата од работна рака која е дефицитарна во земјоделството. Веќе во лозарството и во сточарството голем дел од процесите се механизирани. За набавка на механизација и добиток на земјоделците треба да се обезбеди финансиска поддршка од Програмата за рурален развој 50% – 50%, појаснува Димитриевски.

Македонија станува сѐ повеќе увозно зависна од храна, а тоа го покажуваат и статистичките податоци, според кои за 10 години за увоз на храна се потрошени 6,67 милијарди евра. Земјата располага со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, од кое голем дел не се обработува.

Голем дел од нивите што во минатото беа посадени со жито, пченка и јачмен, сега се обраснати во трева и коров. Се намалуваат и земјоделските површини и приносот од засеани површини. Земјоделците се жалат на ниски откупни цени, несигурен откуп и пласман на земјоделските производи, немање работна рака, незаинтересираност на младите за вклучување во земјоделското производство, како и ненавремено исплаќање на субвенциите.

Тие сè потешко се одлучуваат да вложат во модернизација и да го прошират производството бидејќи не се сигурни дали ќе ги повратат инвестираните пари.

Од Националната земјоделска мрежа сметаат дека треба да се утврдат приоритетите, односно, да се утврди кои гранки и кои сектори се најпрофитабилни и најбрзо испорачуваат резултати.

– Субвенциите треба да бидат поврзани со годишното производство од одредена култура, односно, да бидат условени со производството на одредени количини од одреден производ. Не може да се даваат субвенции за производство на домати, а да увезуваме домати од Албанија. Поради тоа, субвенциите треба да се даваат по единица производ, а не по единица површина. Друга работа е што државното земјоделско земјиште се дава под закуп на лица кои не се земјоделци, што е спротивно на Законот за земјоделско земјиште, а концесионерите го користат правото на субвенции без притоа да има реални количини произведени земјоделски производи. Ако постојниот модел даваше вистински резултати, Македонија денес ќе имаше поголемо производство на храна и ќе можеше да влијае врз инфлацијата – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

И академската фела смета дека треба да се промени системот на субвенционирање во земјоделството, бидејќи изостанува ефектот и нема пораст на БДП во земјоделството.

– Овој систем останал, меѓу другото, зашто земјоделците се значајно гласачко тело и партиите на власт тешко се одлучуваат да им го скратат или намалат еднаш стекнатото право. Треба да се субвенционира земјоделството, но треба да се смени системот на субвенционирање. Ние уште субвенционираме врз база на посеани површини, таа работа не оди. Треба на аутпутот, на производот што се произведува и треба да одат тие субвенции во вистински раце, а тие често наместо кај земјоделците, завршуваат кај луѓето што зеле државно земјиште под закуп и што воопшто не се занимаваат со земјоделство. Земјоделството ни е многу битно, тоа е и еден од основните приоритети на идниот развој на државата – истакна неодамна академик Таки Фити.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, посочи дека е формирана работна група која прави анализа за ефектите на субвенциите и дека првичните анализи покажуваат дека причините за падот на земјоделското производство не се само субвенциите, но дека ќе се направи мала модификација во овој дел во 2026 година со цел да се зголеми домашното производство.

– Првичните анализи покажуваат дека причините за падот на производството не се само во субвенциите, напротив, тие се момент на одржување на земјоделците, меѓутоа изминатите години бевме сведоци на тоа дека Владата и Министерството не го ставаа земјоделското производство како приоритет. Ги наследивме субвенциите кои беа со сериозно задоцнување и ги исплативме, а тековно ги сервисираме сите субвенции кои се по календарот на исплата со што градиме доверба на земјоделците кон институциите, што во минатото не беше случај поради што дел од земјоделската популација го напушташе земјоделското производство, рече Трипуновски.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ