Филмаџиите реагираат на најновиот извештај на државниот ревизор за работата на Друштвото на филмските работници на Македонија. Според нив, не се најдени финансиски злоупотреби, туку неосновано се врши мешање во начинот на работата на ДФРМ?!

– При извршената ревизија во 2023, од страна на Државниот завод за ревизија е констатирано дека не постојат финансиски злоупотреби од страна на Друштвото на филмски работници и Агенцијата за филм на РСМ во делот на доделените средства. Но, тој констатира дека постапката врз основа на која се добиени средствата, не е поткрепена со правилник и со процедури. По ова, Агенцијата за филм пристапува кон изготвување правилник и распишува јавен повик за финансирање на проекти на здруженија на граѓани од областа на филмската дејност. Во 2025, пак, иако се имплементирани насоките и забелешките, ДЗР повторно врши ревизија и констатира дека по извршен увид во договорите за финансирање и трошоците на проектот за проектни активности, е утврдено дека одобрените средства се наменети за исплата на надоместоци, адвокатски услуги, сметководствени услуги, одржување и ажурирање на веб-страница, за закуп на деловен простор, за членување на меѓународни организации, за патување во странство и угостителски услуги и други трошоци. Ревизорите сметаат дека вакви трошоци не се во склад со Законот за филмска дејност, кој предвидува соработка со здруженијата, но не и финансирање на нивното работење и има влијание врз законското и наменско користење на средствата, се посочува меѓу другото во соопштението на ДФРМ.

Оттаму укажуваат дека со овој извештај ДЗР навлегол во делот на стручно оценување на проектните активности поврзани со унапредување на македонската кинематографија и развој на филмската дејност, што не е негова надлежност. Во својата реакција тие додаваат дека ДЗР, очигледно, не ја разбира природата на граѓанските организации, но и дека не мора да ја разбира бидејќи тоа не е во негов опсег. Наместо, како што велат, да се пишуваат извештаи со „непотребни и тенденциозни“ делови, ревизорот треба да се насочи кон реалните проблеми во културата и филмот, за кои постојат докази и за кои веќе постапуваат институциите што се надлежни за финансиски криминал. Тие сметаат дека со таквите оценки изнесени во извештајот на ДЗР, директно и индиректно се нанесува штета на најстарото филмско друштво во Македонија, кое повеќе од 75 години ги застапува интересите на сите филмски творци, автори и работници и заедно со Друштвото на писателите и Друштвото на ликовните уметници претставува темел на македонската култура.

„Укажуваме и посочуваме дека соработката помеѓу АФРСМ и ДФРМ е во согласност со член 10 став 8 од законот за филмска дејност и во согласност со правилникот изготвен од страна на АФРСМ“, велат од ДФРМ.

ИЗДВОЕНИ