Танцовата претстава „Д (како Дездемона)“ на Скопје танцовиот театар во кореографија на Рисима Рисимкин во целост ја освои публиката во шекспировата Верона. Комплетната изведба, кореографијата, музиката и визуализацијата на претставата дадоа еден сосема нов аспект на „читање“ на делата на Шекспир и неговите женски ликови, а извонредната креација и интерпретација на сите танчари ја фасцинираа публиката, која на крајот ги награди со долг аплауз…
Во рамки на фестивалот „Планет Шекспир“ во Верона, Италија на сцената на театарот „Камплој“ беше изведено ова дело работено врз творештвото на Шекспир.
–Познавачите на творештвото на Шекспир, како и публиката присутна во театарот „Камплој“ беа маѓепсани од начинот на кој беше претставена уште една жена од Шекспировиот опус. На сцената настапија Анастасија Данчевска како Дездемона, Дејан Битровски како Јаго, Лука Ѓоргиевски како Отело, Сара Димовска како Емилија и Надја Луканова, Нина Петрушевска и Теона Ѓуровска како Гласови. Со овој настап студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ го завршија третото издание на проектот „УГД – Чекор кон светот“, велат од Скопје танцовиот театар.
Според кореографката Рисима Рисимкин, прекрасно беше чувството да се настапи пред веќе познатата публика на Верона, која долги години несебично го прославува творештвото на Шекспир.
–Да се изведе танцова претстава на еден од исклучителните светски класици и мајстор на зборот, за мене и за целата авторска и изведувачка екипа беше посебен предизвик и се радуваме на успехот. Танчарите се покажаа во најдобра светлина, со извонреден настап и се создаде една несекојдневна синергија помеѓу нив и публиката. Навистина извонредно и несекојдневно доживување – изјави Рисимкин.
Инаку, претставата е дел од трилогијата на кореографката и универзитетска професорка, Рисима Рисимкин, насловена „Жените во делата на Шекспир“, која својата премиера ја имаше на првите „Денови на македонски кореографи“ одржани во Националната опера и балет, а потоа се изведе и на свеченото отворање на Интернационалниот фестивал за монодрама во Битола. Ова е второ гостување на Рисимкин на Шекспировиот фестивал во Верона. Првото беше гостувањето со „Лејди Магбет“ во 2023 година, кога претставата апсолутно ја освои публиката.
Настапот на студентите е дел од програмата „УГД – Чекор кон светот“, проект кој се изведува веќе трета година, со цел студентите преку професионално искуство да се интегрираат во интернационалната танцова сцена, што им овозможува развој на уметничкиот интегритет.
–Да се работи тема од творештвото на Шекспир за мене е огромен предизвик, додава Рисимкин.
Претставата е на музика на композиторот Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ.
Претставата е во продукција на Скопје танцовиот театар / Интерарт културниот центар во 2025 година.












