Девојката која настрада во Будва не е единствената, на парасејлинг годишно се случуваат по 60 несреќи

738

Врз основа на видеоснимката, која стана вирална на социјалните мрежи, за подоцна да биде избришана, експерти толкуваат дека говорот на телото на несреќната Тијана упатува на паничен напад со кој не успеала да се справи. Сопственикот на агенцијата за парасејлинг, Мирко Крџиќ, кој е под истрага вели дека таа снимала спот за туристичка агенција, а пред летот успешно ја поминала обуката, била расположена, не била ни пијана, ни дрогирана и на почетокот им мавнала на пријателите на плажата. Во 2022 година  на парасејлинг загина жена во Флорида, а двете деца кои беа со неа се здобија со повреди. 

 

Регионот сè уште е во шок откако во средата млада девојка од Нови Сад го загуби животот на парасејлинг во Будва.

Мистеријата за смртта на 19-годишната девојка делумно ја открива видеоснимка од последните мигови на нејзиниот живот, која извесно време кружеше низ социјалните мрежи, за потоа да биде избришана. Морничавото видео покажува како тинејџерката Тијана Р. се извива, се фаќа за јажињата на падобранот, го соблекува елекот и на крајот успева да се откачи од кабелот, по што се превртува и се струполува во морето од 50 метри височина.

Црногорските надлежни органи сè уште водат истрага, па не се знае причината за ваквото нејзино однесување, но експерти кои ги консултира српски „Блиц“ врз основа на снимката оценуваат дека тие постапки се карактеристични за паничен напад. Психотерапевтот професор д-р Невена Чаловска вели дека девојката веројатно се соочила со некој од трите вродени стравови кои ги има секој човек – губење на сигурноста поврзана со тлото, губење на воздух, односно страв од гушење и страв од високи фреквенции, што довело до паничен напад.

-Претпоставувам дека девојката многу се возбудила кога се нашла на височина од 50 метри, каде што звучните фреквенции се силни, во истиот момент нејзините нозе не го допирале тлото, а според снимката се чини и дека во еден момент губела воздух, вели професорката и појаснува дека е можно затоа да се издигнувала од седиштето.

Пензионираниот капетан на речната полиција Владица Здравковиќ, исто така, смета дека несреќната девојка доживеала паничен напад со кој не успеала соодветно да се избори.

-Нејзиниот говор на телото ми дава јасни индикации дека не станува збор за самоубиство, туку дека тоа бил нејзин несвесен обид да преживее, вели тој.

Здравковиќ посочува дека ниту инструкторите кои треба да го обучат потенцијалниот „летач“, често не се доволно обучени. Притоа, како пример ја дава процедурата што ја поминуваат професионалните падобранци пред секој скок, која опфаќа лекарски преглед, мерење на крвниот притисок и разговор со здравствен работник кој врши нивна психолошка процена.

Мирко Крџиќ, сопственикот на агенцијата за парасејлинг, преку која леташе несреќната девојка, за српските медиуми изјавува дека девојката успешно ја поминала обуката за летање, не се плашела од височина, не била ниту пијана, ниту дрогирана, а пред летот била ведра и расположена. Тој е под истрага и вели дека не смее да открива многу детали, но додава дека Тијана работела на бесплатен туристички рекламен спот за компанија пред летната сезона. Според Крџик, на почетокот на летот таа им мавнала на пријателите на плажата, па не знае зошто подоцна го откопчала појасот и скокнала.

Парасејлингот, адреналинскиот спорт, при кој се лета над вода со падобран влечен со кабел. врзан за глисер, е многу популарен во светот. А младата новосаѓанка која загина во средата во Будва не е единствената жртва. Советот за безбеден парасејлинг во последните три децении забележува околу 1.800 инциденти, или по 60 секоја година. Посвеж е случајот со 33-годишната Супража Алапарти од Чикаго, која во јуни 2022 година на бизарен начин при парасејлинг го изгуби животот додека била на одмор во архипелагот Киз на Флорда, познат по водените спортови и туристичките активности. Кога се случила несреќата таа не била сама, туку со неа на појасот биле врзани и 10-годишниот син и деветгодишниот внук од сестра. Додека летале над морето, времето наеднаш се сменило, а поради силниот ветер посадата на бродот не успеала да го повлече падобранот назад. И покрај опасноста, капетанот го пресекол јажето, оставајќи жената и двете деца да ги носи ветрот над водата. Падобранот набрзо удрил во мост, при што Супража настрадала, а децата се здобиле со повреди.

Во споредба со другите екстремни спортови, како на пример сурфањето на големи бранови, парасејлиног не е меѓу десетте најопасни. Сепак, кога ќе се случат несреќи, последиците се најчесто кобни, а причини за нив се дефект, неповолни временски услови и човечка грешка.

ИЗДВОЕНИ