Девојчињата во кампот „Мистик“ во Тексас спиеле кога ги однела надојдената вода

897

Бројот на загинати во катастрофалните поплави што го зафатија централниот дел на сојузната американска држава Тексас во петокот, денеска порасна на најмалку  82, вклучувајќи најмалку 28 деца. Во поплавата, која се смета за една од најсмртоносните во САД во последниот век, повеќе од 40 лица се водат за исчезнати, меѓу кои и 10 деца и една воспитувачка од христијанскиот камп за девојчиња „Мистик“ и потрагата по нив не прекинува.

Според најновата вест што ја пренесе „Њујорк тајмс“, спасувачите денеска се подготвуваат за можноста од нови поројни дождови и ненадејни поплави, додека потрагата по луѓето однесени од буицата во централен Тексас станува сè поочајна.

Загинатите и исчезнатите деца се од христијанскиот камп за девојчиња „Мистик“, во областа Кер, кој реката Гвадалупе го поплавила ноќе, додека спиеле. Гувернерот на Тексас, Грег Абот, рече дека кампот е „страшно уништен“ и дека водата достигнува до покривите на објектите. Меѓу жртвите е и сопственикот на кампот, Дик Истленд, кој загинал додека се обидувал да спаси неколку девојчиња.

Обилните дождови ѝ донесоа на реката Гвадалупе вода колку за четири месеци, па буицата голташе куќи, дрвја, автомобили, кампови. Гувернерот Абот рече дека загинале уште 10 луѓе на други места во Тексас и потврди дека повеќе од 40 лица се водат како исчезнати. Медиумите пренесоа дека исчезнале две сестри заедно со своите баба и дедо. Подоцна, нивниот татко, Р.Ј. Харбор, потврди за Си-ен-ен дека тие починале и дека нивните баба и дедо се водат за исчезнати, но дека семејството верува дека и тие се починати. Дваесет и седумгодишниот Џулијан Рајан загинал како херој обидувајќи се да ги спаси својата свршеница, двете деца и мајка си кога влегла надојдената вода во нивната приколка, во округот Кер. Откако ги ставил 13-месечно бебе и шестгодишно дете на душеци за да лебдат над водата, тој го скршил прозорецот за да може да излезат. Но, стаклото му ја пресекло артеријата на раката и тој починал во рацете на мајка си. Неговата свршеница изјавила за Си-ен-ен дека раката му била речиси отсечена и дека повеќето повици до службата за итни ситуации 911 останале неодговорени.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изрази сочувство до семејствата на жртвите и рече дека, веројатно, ќе го посети поплавеното подрачје в петок. Тој во неделата потпиша прогласување на голема катастрофа, што овозможи да биде активирана федералната агенција ФЕМА во Тексас за да се забрза помошта за жителите и за локалните власти. Но, надежта дека ќе се најдат преживеани е сè помала. Наспроти тоа, спасувачките екипи сè уште го пребаруваат подрачјето.

– Се надевам дека сè уште постојат чуда – изјави заменик-гувернерот на Тексас, Ден Патрик, во интервју за Ен-би-си.

 

ИЗДВОЕНИ