Девојчиња тепале врсничка и пред 1 септември објавиле на „Тик-ток“

Булингот започна заедно со школската година

855

Три малолетнички од скопски Чаир натепале своја врсничка во текот на летниот распуст, а настанот бил снимен со мобилниот телефон на една од нив. Натепаното девојче не кажало дома, од страв да не биде повторно нападнато од врсничките. Родителот пријавил во полициска станица откако го видел видеото објавено на социјалните мрежи, на кое две девојчиња ја удираат неговата 11-годишна ќерка со клоци, тупаници, влечејќи ја за косата. Видеото го објавиле пред почетокот на учебната година, најверојатно да ја понижат пред врсниците.

– По преземените мерки и активности од страна на полицајците, утврдено е дека на 20.6.2025, околу 14:00 часот, на ул. „Павле Илиќ“ во Скопје, во близина на угостителски објект, било физички нападнато 11-годишно девојче од страна на три девојчиња, при што едно од нив го снимало нападот со мобилен телефон. Деновиве, видеото од нападот било објавено на социјалните мрежи и на еден портал, а настанот, на 1.9.2025, во полициска станица го пријавил и таткото на нападнатото девојче, кој кажал дека дознал за настанот од социјалните мрежи и дека неговата ќерка не му кажала ништо, поради страв да не биде повторно нападната. Малолетничките и нивните родители се повикани во полициска станица и по документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци во врска со кривичните дела насилство и неовластено снимање – соопштија од полицијата за врсничкото насилство во Чаир.

Со почетокот на училишната година, се очекува булингот повторно да стане актуелен проблем, кој треба да го решаваат стручните служби, родителите, класните раководители заедно со учениците. Според упатствата на МОН испратени до училиштата, треба да се организираат работилници во одделенијата, кои ќе придонесат за надминување на стереотипите, кои најчесто водат до врсничко насилство, велат надлежните.

 

ИЗДВОЕНИ