Девизните резерви во јуни зголемени за 6,5 милиони евра

17

Официјалните девизни резерви во текот на минатиот месец се зголемиле за 6,5 милиони евра и на крајот на јуни биле 4.697,6 милиони евра, информираат од Народната банка.

Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност – 75,7 отсто, во монетарно злато се 13,2 проценти, а во депозитите се 11 проценти од девизните резерви.

За споредба, во јуни лани монетарната власт управувала со 4.337,5 милиони евра. За една година, нивото на девизните резерви е кренато за повеќе од 360 милиони евра. Тогаш 60,1 процент се чувале во хартии од вредност, 28,8 проценти во валути и депозити, а 11,1 процент во монетарно злато.

Највисокиот праг девизните резерви го достигнаа во јануари годинава, кога изнесуваа 5,041 милијарда евра.

Девизните резерви се во ингеренции на монетарната власт, која ги контролира, управува и располага со нив. Нивната примарна функција е да ја заштитат економијата од надворешни шокови, за редовно сервисирање на надворешниот јавен долг и за интервенции на девизниот пазар. А, големината на девизните резерви ја означува позицијата на државата на меѓународниот пазар, како и нејзиниот капацитет да одговори на надворешните шокови.

ИЗДВОЕНИ