Девизните резерви се во сигурни раце, изнесуваат 4,6-4,7 милијарди евра, тврди Славески

28

Девизните резерви се во сигурни раце. Моментно изнесуваат 4,6-4,7 милијарди евра, што е сосема комотна позиција за земјава, а покриваат околу 4,5-месечни вредности на увозот, додека светскиот стандард што се препорачува е 3-3,5, изјави гувернерот на Народната банка (НБ), Трајко Славески.

Како што истакна Славески на работната средба со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и со претставниците на раководството на Комората, дел од девизните резерви се во злато, кое Македонија го чува во Банката во Англија. Тим на НБ, предводен од гувернерот, наесен планира да ја посети англиската банка и да провери дали е златото таму. Но, златните резерви, информира гувернерот, засега не се на задоволително ниво.

– Можеме да бидеме сигурни дека девизните резерви се во сигурни раце. Тие никогаш не биле проблем. Има посебни дирекции во НБ што раководат со нив и поднесуваат извештај за тоа до Собранието. Имаме обучени лица што континуирано ги следат девизните резерви и движењата на пазарите, на дневна основа. Дел од девизните резерви се во злато, кое го чуваме во Банката во Англија. Планирам со мој тим наесен да проверам дали е таму. Надлежни лица од НБ биле во инспекција, и тоа е редовна процедура. Остатокот се вложува во сигурни хартии од вредност и во банки што се меѓу најсигурните во светот. Редовно имаме позитивни приходи од чувањето на девизните резерви и од раководењето со нив – истакна Славески, потсетувајќи дека висината на девизните резерви е клучен фактор за одржување на фиксниот девизен курс кога има нестабилност на светските пазари.

Тој не знае, рече, зошто е прекината практиката земјава да не го зголемува износот на монетарното злато.

– Во минатото, НБ го откупуваше златото од рудниците и го ставаше во златните резерви. Моментно тие не се на задоволително ниво. Златото, барем последната година, двојно ја зголеми цената. Секогаш кога настанува некоја несигурност во светот, инвеститорите бегаат кон сигурни средства, а едно од нив е златото – потенцира гувернерот.

Во текот на јавната дискусија, Азески укажа дека за бизнисот сè уште клучни проблеми се борбата против корупцијата, сложените банкарски процедури за граѓаните и за компаниите, транспарентноста…

– Сите се колнеме во транспарентност, а транспарентноста никаде ја нема, на пример за државната помош со странските инвеститори, за стоковните резерви, за девизните резерви… – рече Азески.

ИЗДВОЕНИ