Се навршија девет многу тажни години од смртта на Есма Реџепова, неприкосновената „кралица на ромската музика“, од нејзиното физичко заминување од овој свет. Почина на 73-годишна возраст, по кусо боледување, оставајќи зад себе огромно музичко наследство. Есма е петто од шесте деца на семејството Реџепови, кои живееле сиромашно во центарот на Скопје. Првите чекори во професионалната кариера ги направила на 13-годишна возраст, кога победи на натпревар во скопски Сарај. Легендарниот Стево Теодосиевски ѝ станал прво нејзин ментор, композитор, продуцент и водич низ естрадата, а потоа и сопруг. Есма имаше мошне богата кариера, а зад себе остави повеќе од 600 песни на ромски, македонски, српски, турски, арапски, германски, руски, француски, грчки, хебрејски… јазик. Одржа и преку 22.000 концерти, од кои многу беа хуманитарни. За пазарот на грамофонски плочи издаде108 синглови, 32 компакт-дискови, 15 албуми, шест видеокасети и неброено многу телевизиски емисии.
Песните „Чаје Шукарије“ и „Џелем џелем“ станаа неофицијални химни на Ромите ширум светот. Индира Ганди ја прогласи за Кралица на Ромите, а беше и кандидирана за Нобелова награда за мир. Во приватниот живот, Есма немала свои биолошки деца, но посвоила и одгледала 47 деца, кои растеле и се образовале во рамките на ансамблот „Теодосиевски“. Останува да ја памтиме засекогаш и по нејзините добрини и грижи за обичните, секојдневни луѓе. Затоа што таа секогаш велеше и го практикуваше она – „Ако имам за мене, ќе имам и за тебе“.
(Д. М.)












