Девет фирми ќе се „натпреваруваат“ за изградба на автопатот Букојчани – Кичево

665

Девет фирми ќе се „натпреваруваат“ за изведувач за изградба на автопатот Букојчани – Кичево на Коридорот 8, во должина од 11,5 километри. Тие го поминаа претквалификацискиот филтер и добија покана од Јавното претпријатие за државни патишта да достават финансиски понуди до 30 септември годинава.

ЈПДП најавува дека со средства обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој, наскоро ќе почне изградбата на автопатската делница од Букојчани до Кичево.

– Крајниот рок за доставување на понудите е 30.9.2025 година, по што ќе следуваат детална евалуација на доставените понуди и избор на најподобен изведувач на градежните работи за изградба на автопатската делница – информира ЈПДП.

Постојната делница на државниот пат А2 од Гостивар до Кичево е проектирана пред повеќе од 50 години и е изградена како единечен коловоз со две сообраќајни ленти во двата правца, а наместа на планинските превои има и трета лента за бавни возила. Поради зголемениот обем на сообраќај и недоволно добрите возно-динамички услови, неминовно е надградување на оваа делница на ниво на современо автопатско решение по кое ќе се одвива брз, безбеден и непречен меѓународен и домашен превоз на патници и на стоки.

Според претходните најави на надлежните институции, вкупните проектирани трошоци за автопатската делница изнесуваат 132,7 милиони евра, од кои 110 милиони евра заем од ЕБОР, а 19,8 милиони евра инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Согласно со повикот за претквалификација што беше објавен на 4 февруари годинава, новата автопатска делница ќе има двоен коловоз со по две сообраќајни ленти од 3,5 метри со брзина на движење од 100 километри на час.

Работите опфаќаат и изградба на клучки, мостови, пропусти, тунел, одводни канали, олуци, берми и потпорни ѕидови. Оваа делница е надоврзување на трасата Гостивар – Букојчани, во должина од 30,1 километар, која е дел од пакетот автопатски делници што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а на терен веќе има активности.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, вели дека во моментов Македонија е претворена во големо градилиште, каде што со владина поддршка со 350 милиони евра за општините се реализираат над 1200 проекти.

– Поголемите инфраструктурни зафати во општините се правени во време на поранешната држава, во време на Југославија и од тоа време нема направено поголеми инфраструктурни зафати. Ние прв пат влегуваме во еден голем циклус, прв пат интензивно се менуваат или се градат водоводни, канализациски мрежи, прв пат се прават локални патишта, се градат училишта, градинки, спортски терени, сето она што им е потребно на општините, за народот пристојно и нормално да живее – вели Николоски.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ