Детските градинки во Аеродром добија прочистувачи на воздух

15

Во детските градинки на територијата на општината Аеродром се поставени прочистувачи на воздух со највисоки стандарди, што според општинските власти е значаен чекор кон побезбедна и поздрава средина за децата.

Прочистувачи на воздух се поставени во градинките „Срничка“, „Калинка“, „Црвенкапа“, „Лале“, „Чекорче“, „Бамби“, „Буба Мара“, „Сонце“, „Пчелка 1 и 2“ и „Лавче“.

Од Општина Аеродром велат дека станува збор за висококвалитетни прочистувачи кои користат Х14 ХЕПА-филтри што задржуваат преку 99.995% од вирусите, бактериите и други микроорганизми, обезбедувајќи квалитет на воздух споредлив со стерилни простории.

– Дополнително, прочистувачите имаат и префилтер со активен јаглен кој ја намалува непријатната миризба, а ја редуцира и концентрацијата на озон, азотни оксиди (NO₂) и летливи органски соединенија (VOCs). Прочистувачите имаат капацитет за проток на воздух од 2.500 кубни метри на час, овозможувајќи петкратна размена на воздух во просториите на час – објаснуваат општинските власти.

Оттаму додаваат дека овој проект е резултат на договорот што неодамна го потпиша в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески со Владата, со цел значително да се намалат негативните влијанија од аерозагадувањето, проблем кој, за жал, ги засега многу општини во Македонија, особено во зимскиот период.

ИЗДВОЕНИ