Во рамките на програмата „Гевгелија – Град на културата за 2025 година“, селото Негорци и КУД „Негорци“ во саботата вечерта беа домаќини на манифестацијата „Детски фолклорни смотри“, под наслов „На сред село“, која се одржа на летната сцена во дворот на ООУ „Ристо Шуклев“ во Негорци. Манифестација на која срцето чукаше во ритамот на тапанот, на која чекорите на младите игроорци носеа спомени од старите времиња и на која песната и орото беа мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу постарите и помладите генерации.
Еден од главните и најсимболични моменти на оваа манифестација беше дефилето на учесниците по населеното место Негорци, кога, во центарот, се формира најголемото оро, оро што не познава граници, оро што е симбол на пријателството меѓу децата.
На манифестацијата продефилираа преку 300 млади игроорци од тринаесет ансамбли и културно-уметнички друштва, верни чувари на фолклорната ризница од повеќе краишта на Македонија. Покрај домаќините од КУД „Негорци“, учествуваа и фолклорната секција „Богородица“ од Богородица, КУД „Младост“ од Јосифово, КУД „Кирил и Методиј“ од Иловица, КУД „Бранд Петрушев“ од Богданци, КУД „Бахар“ од Чалакли, Валандово, КУД „Браќа Толеви“ од Прдејци, Фолклорното студио „Етнос“ од Скопје, ансамблот „Китка“ од Истибања, ансамблот „Тиквеш“ од Кавадарци, Ансамблот „Керамичар“ од Велес, „Осоговски извор“ од Оризари и КУД „Глигор Прличев“ од Скопје.
Битот, македонската традиција, фолклорот и уникатната битова компонента од секој македонски крај одекнаа и останаа врежани во меморијата на публиката, која цело време уживаше во настапот на детските фолклорни ансамбли од различни краишта на Македонија, кои со многу љубов, труд и посветеност ја негуваат македонската народна традиција. Би рекле дека тоа беше повеќе од концерт, свечен празник на духот, на идентитетот и на културното богатство. Младите игроорци уште еднаш покажаа дека се подготвени да го носат факелот на фолклорот и во времињата што доаѓаат и дека фолклорот не е само сцена и кореографија туку и начин на живот, вредности, заедништво.
Ѓорѓи Јованов, претседателот на КУД „Негорци“, задоволен од изведбата на младите игроорци, како и од реакцијата на посетителите, изјави за весникот ВЕЧЕР: „Ова беше вечер посветена на љубовта кон традицијата, културата и нашите корени. Младите игроорци покажаа дека се подготвени да го носат факелот на фолклорот и во времињата што доаѓаат. Да се биде дел од фолклорна група, значи да се носи тежината на фолклорната историја, но во исто време и радоста на нејзината иднина. Во секое оро се скриени безброј приказни на нашите предци, а секоја носија е вистинско уметничко дело, исткаана со многу љубов и внимание. КУД ‘Негорци’, со своите ора и носии, го чува духот на овој дел од Македонија. Регистрирано е во 2000 година и до ден- денес успешно работи и опстојува. Во друштвото функционираат повеќе категории членови: детска, поголема детска, сениорска и рекреативна. Досега имаме вкупно 533 настапи, од кои повеќе од половина, 235, се на меѓународната сцена“.
Фолклорната вечер „На сред село“ во Негорци понуди богата и разиграна програма, исполнета со традиционални ора, песни и костими, со што се поттикнуваат меѓугенерациското поврзување и зачувувањето на нематеријалното културно наследство. Настанот претставува уште една бојадисана нишка во мозаикот на културни случувања со кои Гевгелија го одбележува своето значајно признание како Град на културата за 2025 година. (Љ. А.)